БАГЕРИТЕ НЕ ЗАПИРААТ Се раѓа новата автопатска артерија на Македонија
Делницата Прилеп – Битола од Коридорот 10Д напредува со засилено темпо, а проектот треба да донесе побрза поврзаност, нови инвестиции и развој на регионот.

Изградбата на автопатската делница Прилеп – Битола, која е дел од стратешкиот Коридор 10Д, се интензивира, а проектот треба значително да ја подобри поврзаноста на регионот и да отвори нови економски можности.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека работите на терен продолжуваат со засилено темпо, нагласувајќи дека станува збор за најдолгата поединечна автопатска делница што досега се гради во Македонија.
Според него, новиот автопат ќе придонесе за побрз и побезбеден сообраќај, подобри услови за бизнисот и зголемување на туристичкиот потенцијал на Пелагонискиот регион. Со изградбата, патувањето од Скопје до Атина би се скратило за околу три до три и пол часа.
„Нашата цел е веќе следната година сообраќајот да се одвива по една коловозна лента“, посочи Николоски, додавајќи дека проектот ќе има големо значење за економскиот развој и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Автопатот Прилеп – Битола се очекува да биде еден од најзначајните инфраструктурни проекти за регионот, со кој Пелагонија ќе добие посилна транспортна поврзаност и нови можности за развој.


