НЕВИДЕНО ВИДЕО ОД МИЛОШЕВИЌ ПРЕД ХАГ Запали цигара, се шегуваше со Американците и го чекаше летот
Снимка од американската база во Тузла открива непознати моменти од последните часови на Слободан Милошевиќ пред трансферот во Хаг.

Во 2001 година, по апсењето во Белград, претседателот на Сојузна Република Југославија, Слободан Милошевиќ, беше префрлен во Централниот затвор, а на Видовден истата година беше екстрадиран во Хашкиот трибунал.
Неговото последно појавување пред заминувањето во Хаг неодамна привлече внимание поради снимката од американската воена база „Орел“ во Тузла, каде што Милошевиќ го чекаше авионот за транспорт до Холандија.
Милошевиќ беше пренесен со хеликоптер од Белград до Тузла, а потоа го презеде хашкиот истражител Кевин Кертис, кој патуваше со него до Хаг.
На видеото се гледа како поранешниот југословенски претседател, облечен во костум и бела кошула, влегува во просторијата за чекање придружуван од лица во воени униформи. Наместо напнатост, снимката прикажува смирен човек кој разговара со присутните и дури се шегува со американските војници.
Додека чекал, Милошевиќ се распрашувал со еден од присутните дали пишува книга, а потоа седнал до Кертис. Кога му била понудена цигара, тој најпрво се пошегувал дека ќе почека кафе.
„Не можам да верувам дека нема кафе“, рекол со насмевка, откако му било кажано дека кафето можеби нема да стигне пред авионот.
Откако станало јасно дека нема да има кафе, побарал цигара, која му ја запалил еден од војниците. Подоцна дури прашал дали е дозволено пушењето во просторијата, на што добил негативен одговор.
Во текот на престојот во базата, Милошевиќ разговарал со војниците и за својата терапија. Тие ги проверувале лековите што ги носел, а тој објаснувал за што се користат.
Во еден момент, покажувајќи една кутија, се пошегувал дека тоа е „гума за џвакање“, пред да продолжи со објаснувањето за лековите.
Снимката прикажува необична сцена за моментот пред неговото заминување во Хаг и поранешниот лидер на Југославија мирно разговара со луѓето околу него, без драматични реакции, додека чека да пристигне авионот.
Кога леталото пристигнало, Милошевиќ ја напуштил чекалната и заминал кон Хашкиот трибунал, каде што подоцна му беше судено за обвиненијата поврзани со војните на просторот на поранешна Југославија.


