СРЕДБА ВО ОХРИД Сиљановска-Давкова со претставниците на УНЕСКО
Претседателката разговараше со претставници на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за мерките за зачувување на природните и културните вредности на Охридскиот регион.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со постојаните делегати, амбасадори и претставници на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, предводени од претседателот на 43. Генерална конференција на УНЕСКО, Кондер М. Тала од Бангладеш.
Во фокусот на разговорите била состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охрид и Охридскиот регион, како и спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство.
Од Кабинетот на претседателката информираат дека на средбата била истакната политичката посветеност за преземање правни и институционални чекори, како и конкретни активности за зачувување на вредностите на регионот.
Сиљановска-Давкова посочила дека е потребен посилен ангажман на експертската јавност и дополнително унапредување на соработката со Република Албанија, особено во справувањето со предизвиците кои се однесуваат на заедничкото природно и културно богатство.
Претставниците на УНЕСКО нагласиле дека заштитата на Охрид и Охридскиот регион има значење што ги надминува националните граници и претставува пример за меѓународна соработка, разбирање и солидарност.


