ГОТОВО Е Во вторник паѓа одлуката кои министри заминуваат од Владата
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека конечната одлука за реконструкцијата ќе биде донесена по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, додека преговорите со коалициските партнери сè уште траат.

Разговорите за реконструкција на Владата влегуваат во завршна фаза, но конечната одлука за новиот владин состав ќе биде позната по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која е закажана за вторник. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, иако претходно се очекуваше реконструкцијата да биде финализирана уште овој викенд.
„Во вторник ќе ја имаме седницата на Извршниот комитет. Тоа се политички одлуки што треба да се донесат на политичко ниво, а потоа да се операционализираат во рамките на Владата. Дури по седницата ќе бидат соопштени ресорите и имињата“, изјави Мицкоски.
Во меѓувреме, додека траат преговорите меѓу коалициските партнери, дел од министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ започнаа со презентација на сработеното во изминатите две години. Отчет веќе дадоа министрите за образование, култура, надворешни работи и финансии, а во наредните денови се очекуваат и отчетите на министрите за внатрешни работи и дигитална трансформација.
Сепак, главното прашање останува кои министри ќе ги задржат функциите, кои ќе бидат преместени во други ресори, а кои ќе ја напуштат Владата.
Според неофицијални информации, сè уште нема конечен договор со коалицискиот партнер ЗНАМ. Несогласувањата, наводно, се однесуваат на Министерството за правда, бидејќи ЗНАМ не сака да се откаже од овој ресор, ниту министерот Игор Филков да биде разрешен.
Од партијата потврдуваат дека разговорите продолжуваат и дека ниту едно прашање засега не е затворено.
„Имавме неколку средби на лидерско ниво, а преговарачките тимови континуирано разговараат. На маса се сите отворени теми и нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела“, изјави портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.
Во политичките кругови се шпекулира дека Министерството за правда би можело да премине кај коалицијата ВЛЕН, додека како можна компензација за ЗНАМ се споменува ресорот земјоделство. Неофицијално, се разгледуваат и други прераспределби, при што здравството и евроинтеграциите би останале во рамки на ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу министрите чии имиња се споменуваат во контекст на реконструкцијата се министерот за здравство Азир Алиу и министерот за култура Зоран Љутков.
„Секој ден кога доаѓам на работа сум свесен дека може да ми биде последен како министер. Ова не е лично, туку институционално прашање. Министерските функции се политички и институциите треба да одлучат кој ќе биде на нивно чело“, изјави Алиу.
И министерот за култура Љутков потврди дека преговорите се во тек.
„Процесот сè уште трае. Се надевам дека до крајот на оваа или почетокот на следната недела јавноста ќе ги добие сите информации. Без разлика на исходот, јас ќе продолжам да работам во интерес на културата“, рече Љутков.
Во меѓувреме, копретседателот на ВЛЕН, Биљал Касами, најави дека коалицијата ќе има значително посилна позиција по реконструкцијата. Според него, ВЛЕН треба да раководи со шест министерства, а меѓу ресорите што ги побарале е и Министерството за култура.
По завршувањето на политичките преговори, предлогот за новиот владин состав ќе биде доставен до Собранието, каде што ќе треба да добие поддршка од пратениците.
Покрај распределбата на ресорите, повторно се отвора и прашањето според кои критериуми се избираат министрите и останатите носители на јавни функции И дали пресудни ќе бидат стручноста, резултатите и професионалното искуство или, повторно, клучна улога ќе имаат партиската припадност и коалициските договори.
Одговорите на овие прашања треба да бидат познати по вторник, кога се очекува Владата да го добие својот нов политички распоред.


