ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, петок, 26 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, петок 26 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче молчи додека Бугарија го загрозува државниот интерес
Објавувањето на доверлива дипломатска комуникација од страна на Бугарија е скандал без преседан и директен удар врз безбедноста и достоинството на Македонија. Тоа е сериозен дипломатски скандал и чин кој отвора низа прашања за одговорноста, професионалноста и почитувањето на меѓудржавните односи.
Бугарското МНР тврди дека документот е за далечното минато, но без разлика на обидите на бугарското Министерство за надворешни работи да го релативизира случајот со тврдења дека станува збор за информации од подалечно минато, останува фактот дека во објавената нота се содржани конкретни податоци. Токму тоа е суштината на проблемот. Не е прашање дали информациите се од вчера или од пред одреден период, туку како доверлив дипломатски документ, кој содржи чувствителни безбедносни информации, завршил во јавноста.
Доколку податоците не биле точни, тогаш бугарските власти ќе можеа лесно и недвосмислено да го демантираат нивниот карактер и значење. Наместо извинување, тие се обидуваат вниманието да го префрлат на временската рамка на настаните, избегнувајќи да одговорат на клучното прашање зошто воопшто биле објавени информации што биле дел од доверлива дипломатска комуникација.
Бугарија се изјасни но Венко Филипче се уште молчи. Филипче секојдневно зборува за европски вредности, добрососедство и партнерство, но сега молчи и нема ниту еден збор за дипломатскиот преседан што го направи Бугарија. Нема реакција ниту за нарушувањето на довербата меѓу две држави, ниту за објавувањето на чувствителни информации кои не требало да бидат достапни за јавноста. Филипче молчи за да не му се налутат бугарските соработници. Филипче и СДС молчат и тоа е познат образец на однесување секогаш кога станува збор за потези кои доаѓаат од официјална Софија.
Филипче и СДС се гласни дома а тивки кога треба да се упати критика кон Бугарија. Со тоа Филипче и СДС испраќаат порака на подготвеност за премолчување на постапки кои се спротивни на интересите на Македонија. Овој случај е доказ дека на европскиот пат Македонија ќе се соочува со бројни предизвици, притисоци и обиди за наметнување на туѓи позиции. Токму затоа е потребно национално единство и јасна одбрана на државните интереси.
Овој скандал уште еднаш покажа кој е подготвен да ја брани Македонија, а кој е подготвен да молчи кога државата е нападната. Македонија нема да се повлекува и нема да прифаќа понижувања. Националните интереси не се предмет на пазарење.
СДСМ: Тепачка за фотелји и бизниси – реконструкцијата ја доведува власта до војна на кланови
Тендер коалицијата на Христијан Мицкоски се распаѓа пред очите на граѓаните. Наместо Влада којашто работи за интересот на граѓаните гледаме отворена тепачка за фотелји, позиции и бизниси, која се заканува да премине во вистинска војна меѓу криминалните кланови.
ЗНАМ, партијата која беше создадена и финансирана од Мицкоски, повеќе не постои. Преостанати се само двајца – Максим Димитриевски и Горан Минчев, кои сега се во директна борба за влијанија. Димитриевски има свој човек и го сака Министерството за земјоделство а од друга страна Минчев не го сака Министерство за земјоделство, бидејќи знае дека таму парите се скратени а земјоделците се крајно незадоволни.
Филков сака да остане на позицијата министер за правда, за да може да ја контролира правдата, да ги спречува истрагите и да ги спроведува планираните тендери. Стравот од одговорност и од идни истраги е оној што го тера да се држи до Министерството за правда по секоја цена.
Мицкоски, во меѓувреме, бара изговор за предвремени парламентарни избори. Буџетот е празен, а можностите за ново задолжување се исцрпуваат. Не може да си дозволи да не ги исплати пензиите. Затоа ќе се обиде да се задолжи до максимум, а кога повеќе нема да може – ќе побара излез преку избори.
Досега не успеа да добие алиби од опозицијата. Сега се обидува да го добие од некој од своите сателити, но и тие знаат дека таков потег ќе ги етикетира како соучесници во политичка манипулација. Ова е слика на една организирана криминална група која се распаѓа одвнатре. Кога нема резултати, кога нема пари, а стравот од истраги расте тогаш започнува тепачка за фотелји и за контрола над институциите кои можат да ги заштитат од одговорност.
Ова не е борба за подобра Влада. Ова е борба за опстанок на криминална структура која се распаѓа. Време е за вистина и правда. Време е граѓаните да ја вратат власта во свои раце.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Кога не се прифаќа една изборна единица, прифатете ги барем овие два амандмани за фер избори
Станува сè поизвесно дека промената на изборниот модел од шест во една изборна единица нема да биде усвоена со најновите измени и дополнувања на Изборниот законик.
Сепак, од Единствена Македонија упатуваат повик за усвојување барем решение – забрана за предизборно коалицирање меѓу политичките партии, со што би се овозможило коалицирање исклучиво по завршувањето на изборите.
Според партијата, ваквата измена би претставувала демократски исчекор и би овозможила реално мерење на политичката поддршка што ја има секоја партија кај граѓаните, без можност за создавање привидна слика за големината на одредени политички субјекти.
Партијата потсетува дека во Собранието веќе има доставено предлог-законски текст со амандмани за промена на изборниот модел и забрана за предизборно коалицирање, и бара политичка зрелост и демократски капацитет.
Дополнително, Единствена Македонија укажува и на потребата од еднаков третман на претставниците на сите партии на избирачките места.
Во поднесениот амандман се бара сите претставници на политичките партии на 3.480 избирачки места да имаат еднакви услови, посочувајќи дека според актуелните правила само претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои „седат на кутиите“, добиваат дневници од државниот буџет за изборниот ден, додека останатите партии треба сами да ги покриваат трошоците.
Од партијата оценуваат дека станува збор за финансиски товар за останатите партии и дека, ако буџетот го полнат сите граѓани, тогаш условите треба да бидат исти за сите учесници на изборите.
„Или дневница за претставниците на сите партии на изборниот ден или за никој“, порачаа од Единствена Македонија.
Тие ги повикуваа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат амандманите и да покажат дека се залагаат за фер и рамноправен изборен натпревар.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


