СЕЛА СО ГОЛЕМА НАЈАВА – Алијансата доби ново име, „денес почнува сè“

На Петтиот конгрес партијата официјално го промени името во Албанска лига, а Села најави нов почеток и теренска експанзија.

СЕЛА СО ГОЛЕМА НАЈАВА – Алијансата доби ново име, „денес почнува сè“
Фото: Принтскрин

На Петтиот конгрес на партијата, лидерот Зијадин Села соопшти дека политичкиот субјект отсега ќе настапува под името Албанска лига, нагласувајќи дека со овој чекор започнува нова фаза во нејзиното делување.

„Денес не завршува, денес почнува сè“, порача Села пред делегатите и активистите.

Тој најави интензивирање на политичките активности и формирање подограноци низ теренот.

Тој истакна дека партијата нема да остане пасивна пред, како што рече, обидите за нарушување на правата на Албанците, туку ќе одговори со засилен политички ангажман. Во своето обраќање се осврна и на актуелните политички случувања во државата, како и на можноста за учество во Владата.

На конгресот се обрати и Илире Даути, која истакна дека Алијансата за Албанците под нивно раководство секогаш работела на надминување на пречките со кои се соочува албанската заедница.

Според неа, оваа политичка мисија ќе продолжи и во иднина под водство на Зијадин Села.

Даути нагласи дека во политиката постојат две категории луѓе,  оние кои личната корист ја ставаат на прво место и оние кои се подготвени да се жртвуваат за доброто на идните генерации.

„Постојат луѓе кои ги бараат придобивките за себе и луѓе кои ги отстрануваат пречките од патот за оние што доаѓаат по нив“, порача Даути.

Зијадин Села едногласно доби нов мандат на чело на новоформираната Албанска лига, откако делегатите на Петтиот конгрес ја поддржаа одлуката за преименување на досегашната Алијанса за Албанците.

На Конгресот беше соопштено дека Села е избран со сите 713 гласа на присутните делегати.

„Со 713 гласа ‘за’, колку што денес има делегати, едногласно господинот Зијадин Села е избран за претседател на Албанската лига“, беше објавено пред присутните.

Конгресот се одржа под мотото „Лигата е жива“, при што партијата официјално го потврди новото име и ја претстави својата идна политичка насока.

Во своето обраќање, Села се осврна и на шпекулациите дека неговата партија би можела да стане дел од владејачкото мнозинство, испраќајќи јасна порака дека таква можност не доаѓа предвид.

„Вратите на срамот никогаш не се затвораат. Тоа е врата на срамот. Низ таа врата Албанската лига и нејзините пратеници нема да влезат. Албанската лига и нејзиното наследство од Алијансата за Албанците знаат и да излезат од тие врати, како што покажале во минатото“, изјави Села.

Со ова, новоформираната Албанска лига го започнува своето политичко дејствување под ново име, а раководството најавува продолжување на активностите и организациско зајакнување на партијата.

CATEGORIES
Share This