ФИЛИПЧЕ ПОВИКУВА НА ОБЕДИНУВАЊЕ Дали почнува голема политичка битка?
Филипче најави нов политички фронт под името „Слобода и правда“

Коалицијата предводена од СДСМ продолжува со своето делување во нова форма под името „Фронт за слобода и правда“. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати повик до политички партии да се приклучат на овој фронт, вклучително не само оние што веќе се дел од актуелната коалиција, туку и партии од сегашната власт, со образложение дека и во нив постојат членови кои сметаат дека државата не се движи во правилна насока.
Тој ги повика и граѓанските организации, активистите, интелектуалците, младите и студентите кои веруваат дека државата нема перспектива под актуелното владеење, како и пензионерите кои, според него, се чувствуваат разочарани и без обезбеден достоинствен живот.
Според најавите, целта е обединување против, како што беше наведено, криминалното владеење кое го злоупотребува државниот буџет за лични интереси, додека граѓаните се соочуваат со последиците. Од таму се тврди и дека ваквата власт ја турка државата кон изолација, а дел од нејзините претставници поседуваат и странски пасоши.
Филипче порача дека ваквите политики нема да успеат и дека државата повторно ќе се врати на европскиот пат како демократско и слободно општество, во кое младите ќе гледаат иднина.
