ПЕТРОВА УДРИ ПО СКОПЈЕ – Без Бугари во Устав нема да ја видите ЕУ

Во пресрет на посетата на Антонио Кошта, повторно се заострува реториката меѓу Скопје и Софија.

ПЕТРОВА УДРИ ПО СКОПЈЕ – Без Бугари во Устав нема да ја видите ЕУ
Фото: Принтскрин

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, порача дека Софија останува цврсто на ставот дека Македонија мора да ги исполни обврските преземени во 2022 година доколку сака да продолжи по патот кон членство во Европската Унија.

Во изјава за БНТ, Петрова нагласи дека прашањето не треба да се гледа како билатерален спор меѓу двете држави, туку како дел од односите меѓу земја кандидат и Европската Унија.

Според неа, бугарската страна и понатаму има конструктивен и позитивен пристап, но изрази разочараност од, како што рече, недостатокот на политичка зрелост и напредок од македонска страна.

Петрова потсети дека лично била вклучена во преговорите што доведоа до усвојување на таканаречениот „француски предлог“ и формирањето на Преговарачката рамка за Македонија, нагласувајќи дека договореното во 2022 година претставува официјална европска позиција.

Таа оцени дека е разочарувачки што четири години подоцна сè уште нема конкретен напредок и апелираше македонските власти да го искористат актуелниот моментум за проширување на ЕУ наместо да ги продлабочуваат несогласувањата со Софија.

Изјавите доаѓаат во период на обновени тензии меѓу Скопје и Софија. Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека Владата нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот без промена на односот и пристапот од бугарска страна.

Во меѓувреме, претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, во вторник ќе престојува во Македонија. Мицкоски очекува разговорите со него да придонесат за изнаоѓање решение за спорот, притоа нагласувајќи дека нема отстапување од позициите поврзани со македонскиот идентитет и националните интереси.

CATEGORIES
Share This