ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА – Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Дневна доза политика. Што објавија денес партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Преглед на денешната (четврток, 28.05.) дневна доза на партиски ставови. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Прво уставни измени, потоа редефинирање на историјата и идентитетот, до таму е спремен да оди специјалниот пратеник на Радев, Венко Филипче
Венко Филипче продолжува со политиките на отстапки кои водат кон редефинирање на македонската историја и идентитет. Неговите ставови се совпаѓаат со позициите на официјална Софија и луѓе кои го негираат македонскиот идентитет и јазик. Факт е дека токму Бугарија ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија, а СДС со години водеше политики на понижување и отстапки на штета на националните интереси.
Граѓаните тоа јасно го казнија на избори, но Филипче и СДС продолжуваат по истиот пат. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи бугаризација на македонската историја, идентитет и јазик. Македонија има свој народ, своја историја и свое достоинство.
СДСМ: Распишете референдум, граѓаните нека одлучат дали сакаат нивните деца да платат цена за Мицкоски
Владата на Мицкоски призна дека нема пари ниту за референдум на кој граѓаните треба сами да одлучат за својата иднина. Нема пари за повисоки плати, за минимална плата од 600 евра, за мерки и помош за граѓаните и земјоделците. Пари има само за криминални тендери и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ. Цената на погрешните политики не ја плаќа Мицкоски, туку граѓаните, семејствата и младите кои сè повеќе ја гледаат својата иднина надвор од Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ лажеа за идентитетот, за Преспанскиот договор и за Европа. Вистинската закана за иднината на државата се криминалот, корупцијата и безнадежноста што ја создава оваа власт. Референдумот не е политичко, туку прашање за иднината на нашите деца и државата. Распишете референдум. Граѓаните нека одлучат.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Започна рушењето и на МПЦ, соработници на странски служби влегоа во најмоќното црковно тело
Единствена Македонија и македонскиот народ се силно вознемирени од најновата одлука на МПЦ за исфрлање на владиката Петар и доаѓање на негово место на Наум и Пимен во најмоќното црковно тело – Тричлениот работен состав на САС.
Миторполитот Струмички Наум, познат како Звонко, целиот свој црковен ангажман го посветува на антимакедонска основа, и не случајно, бидејќи уште пред дваесетина години при престојот на Света Гора е врбуван од Грчката разузнавачка служба а покасно и бугарската служба. Поврзано со ова, беше силна логистика на марионетската влада на Зоран Заев за бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ како и бришење на Македонците во Пиринска Македонија
Владиката Пимен е целосно на линијата на Наум и го изоде истиот пат секогаш со ургенции на Наум и не случајно беше јавна логистика во Шарената револуција за бришење на се што е македонско.
Единствена Македонија со жалење констатира дека повеќе нема владици за одбрана на името и идентитетот на македонскиот народ. Истовремено, Светиот Синод на МПЦ силно ги повреди националните и верските чувства на македонскиот народ. Оттука, народот и православните верници сега со право се прашуваат, за кого одработуваат членовите на Светиот синод на МПЦ со ваквите одлуки на антимакедонска основа.
Дотолку повеќе, МПЦ која е еден од темелите на државноста и вековен чувар на идентитетот на македонскиот народ и главен столб на македонското опстојување, има силна национална должност да се бори против обидот за обезличување на Македонија и Македонците.
Доколку Единствена Македонија ја добие довербата од народот, една од целите на партијата е организирање на Црковно-народен собор за прочиствање на највисокиот црковен клир на МПЦ од криминалци, предавници и странски шпиони.

