НОВИНА ВО ЗДРАВСТВОТО: Аџибадем Систина со нов центар за тиоридна жлезда

Фокус на навремена дијагностика како клучен фактор за успешен исход

НОВИНА ВО ЗДРАВСТВОТО: Аџибадем Систина со нов центар за тиоридна жлезда
Фото: Принтскрин
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е отворен првиот Центар за тироидна жлезда во Македонија, кој обезбедува целосна дијагностика, третман и следење на заболувањата на тироидната жлезда кај возрасни и деца.

Центарот функционира со мултидисциплинарен тим составен од специјалисти по нуклеарна медицина, торакална хирургија, радиологија, патологија, педијатрија и ендокринологија, со цел на пациентите да им се овозможи сеопфатен и координиран пристап во лекувањето.

Посебен акцент е ставен на раната дијагностика на вродени нарушувања на тироидната жлезда кај новороденчиња, преку ехоскрининг кој ќе биде дел од породилните пакети како бесплатен преглед за сите бебиња родени во „Аџибадем Систина“.

Како што истакна д-р Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина, целта на Центарот е пациентите во еден ден да добијат комплетна услуга на едно место  од специјалистички прегледи, ултразвук и лабораториски анализи, до скен, биопсија и план за понатамошно лекување, без дополнителни упатувања. Доколку е потребно, веднаш се закажува хируршки зафат или радиојодна терапија, која е достапна во рамки на болницата.

Од болницата посочуваат дека нивниот тим годишно изведува над 100 операции на тироидната жлезда, од кои повеќе од половина се за карциноми, при што навремената дијагноза е клучна за успешен исход. Интегрираниот пристап овозможува тесна соработка меѓу специјалистите и заедничко донесување одлуки за третман.

Како дополнителна безбедност, операциите се изведуваат со поддршка на систем за невромониторинг, кој во реално време ја следи функцијата на нервите и значително го намалува ризикот од нивно оштетување, особено на нервите поврзани со гласот и говорот, истакна д-р Драган Смилевски, специјалист по торакална хирургија.

Со отворањето на Центарот за тироидна жлезда, болницата најавува подигнување на стандардите во третманот на тироидните заболувања и позиционирање како регионален референтен центар за најкомплексните случаи.

CATEGORIES
Share This