ТРГНУВАТЕ НА ОДМОР ВО ГРЦИЈА – Внимавајте оваа грешка може да ве чини возачка и 4.000 евра
Грчката полиција најавува засилени контроли на патиштата кон туристичките дестинации.

Новите правила важат и за туристите од Македонија, а грчката полиција ова лето најавува засилени контроли на патиштата кон туристичките места. Една секунда невнимание може да значи огромна казна, одземање возачка, па дури и забрана за управување со возило со години.
Користењето мобилен телефон додека возите е прогласено за една од главните причини за сообраќајни несреќи, па грчките власти решија сериозно да удрат по прекршителите. Според новите прописи, казните се многу построги, а во најтешките случаи можат да достигнат до 4.000 евра и одземање на возачката дозвола до осум години.
Експертите предупредуваат дека возачите кои држат телефон во рака реагираат половина секунда побавно, што при брзина од 110 километри на час значи дури 14 метри подолго растојание за запирање.
Новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција, кој целосно стапи на сила минатиот септември, носи построги мерки и за други опасни прекршоци, брзо возење, поминување на црвено светло и игнорирање на сообраќајни знаци.
Посебно внимание сега се посветува и на знакот за предност на минување и превртениот триаголник што многумина го игнорираат. Непочитувањето на овој знак носи казна од 350 евра, а возачот може да остане и без возачка дозвола и регистарски таблички на 30 дена.
Грчките власти велат дека мерките се воведуваат поради зголемениот број несреќи и огромниот број туристи во летниот период. Затоа, доколку патувате со автомобил во Грција, бидете особено внимателни и најмала грешка може скапо да ве чини.
