ТЕХЕРАН СО УЛТИМАТУМ ДО САД Без 24 милијарди долари нема преговори
Американски извори предупредуваат дека Трамп тешко ќе оправда „плаќање“ на Иран пред својата гласачка база.

Иран постави услов за продолжување на преговорите со САД, пристап до 24 милијарди долари замрзнати средства, јавува британски „Телеграф“. Според извештајот, Техеран бара половина од сумата веднаш да биде префрлена по потпишување меморандум за разбирање, а остатокот во рок од 60 дена.
Главниот ирански преговарач и претседател на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, заедно со министерот за надворешни работи Абас Арагчи, на средбите во Доха со катарски посредници порачале дека без деблокирање на средствата нема да има понатамошни разговори.
„Нашето барање е ослободување на замрзнатите средства веднаш. Без тоа, нема преговори“ – изјавил неименуван ирански функционер близок до делегацијата.
Според американски извори, претседателот Доналд Трамп смета дека ваков договор би изгледал како Вашингтон да го наградува Иран, особено по тензиите во Персискиот Залив и заканите околу Хормутскиот теснец.
Повеќе од 100 милијарди долари ирански средства се блокирани во банки низ светот, главно од приходи од нафта и гас. Најголем дел од нив се наоѓаат во Јужна Кореја, Катар, Ирак, Јапонија, Турција, Германија и други држави.
„Телеграф“ наведува дека Вашингтон би морал да ги ублажи санкциите и да воспостави механизам што ќе гарантира дека парите нема да бидат искористени за нуклеарната програма или за поддршка на проирански групи во регионот.
Извори блиски до движењето MAGA предупредуваат дека Трамп тешко би можел политички да го оправда ваквиот потег пред своите гласачи.
Прашањето за замрзнатите средства, според дипломатски извори, станало главна пречка во разговорите за прекин на повеќемесечната криза меѓу Вашингтон и Техеран.
Иранските претставници потсетуваат и на нуклеарниот договор од 2015 година, кога САД подоцна повторно воведоа санкции, поради што сега бараат конкретни гаранции и непосреден трансфер на средствата.
Во меѓувреме, Си-Ен-Ен јавува дека Трамп денеска ќе одржи состанок со најблиските соработници во Белата куќа, каде ќе биде информиран за најновите случувања и можните следни чекори во односите со Иран.
