ЈПДП СО НОВИ ПРАВИЛА НА ПАТАРИНИТЕ „MCard“ се сели на другите ленти
Корисниците на „MCard“ ќе мора да ги користат останатите ленти на патарините.

Од 15 јуни, возачите кои ќе сакаат да поминат низ „MTAG“ лентите на патарините ќе мора задолжително да користат електронски тагови, информира Јавното претпријатие за државни патишта.
Со новите измени во системот за наплата, плаќањето со „MCard“ повеќе нема да биде дозволено на „MTAG“ лентите. Корисниците на „MCard“ ќе треба да ги користат останатите ленти на патарините, во согласност со нивната намена.
Од ЈПДП апелираат возачите внимателно да ја следат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и електронските информативни табли поставени пред и на наплатните станици, каде јасно е наведено кои ленти се наменети за електронска наплата, а кои за плаќање во готово.
Во соопштението потсетуваат дека зелената стрелка означува дека лентата е активна и отворена за користење, додека црвениот знак „X“ означува затворена лента.
Од претпријатието предупредуваат дека непочитувањето на правилата и намената на лентите може да предизвика застои и да ја намали безбедноста и ефикасноста на сообраќајот.
