МИЛИОНСКА ПРОДАЖБА – „Македонијатурист“ ги продава хотелите Бристол и Јадран

Компанијата истовремено купува атрактивна парцела во Аеродром.

МИЛИОНСКА ПРОДАЖБА – „Македонијатурист“ ги продава хотелите Бристол и Јадран
Фото: Принтскрин

„Македонијатурист“ започнува со продажба на дел од својот недвижен имот во Скопје, откако на 22 мај Собранието на акционери даде согласност за отуѓување на хотелите „Бристол“ и „Јадран“, познат како Арапска куќа.

Одлуката е објавена преку Македонската берза, а покрај овие два хотела, за продажба се предвидени и станови на улица „Максим Горки“, како и деловниот објект „Пивница“.

Во соопштението се наведува дека претседателот на Управниот одбор има овластување да ги потпише купопродажните договори, додека продажната цена ќе биде определена од овластен проценител.

Истовремено, акционерите одобриле и купување на градежна парцела од 8.081 квадратен метар во скопската населба Реонски центар, во Општина Аеродром, на улица „Г. Константиновиќ“, за 17,7 милиони евра.

Од компанијата посочуваат дека парцелата е со утврдена градежна намена за станбено-деловен објект и дека идниот проект ќе носи приходи преку продажба и издавање по реализацијата.

„Македонијатурист“ во своето портфолио ги задржува хотелите „Белви“, „Бест Вестерн Хотел Турист“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј Ин“, кои продолжуваат со своето редовно работење.

CATEGORIES
Share This