3.400 ЕВРА ОД БЕЛГРАД Кој го финансираше собирот во Куманово?

СобирОТ во Куманово со знамиња, пораки и силно полициско обезбедување.

3.400 ЕВРА ОД БЕЛГРАД Кој го финансираше собирот во Куманово?
Фото: Принтскрин

Здружението на Србите во Македонија „Мир, слога и стабилност“, кое на 23 мај во Куманово организираше собир за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, непосредно пред голем студентски антивладин протест во Белград, добило финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Србија, објави порталот Нова економија.

Според јавно достапни информации, во април годинава здружението било меѓу добитниците на средства на конкурс на МНР на Србија, наменет за кофинансирање проекти на организации на Срби од регионот. Преку Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот, на здружението му биле доделени 400.000 динари (околу 3.400 евра) за проект со наслов „Православието и духовноста нè поврзуваат – Под закрилата на молитвата“.

Порталот објави и документ според кој здружението „Мир, слога и стабилност“, основано на 30 јуни 2022 година, се наоѓа на списокот на приматели на средства од МНР на Србија.

На собирот во Куманово, кој се одржа пред српскиот конзулат, учествуваа неколку стотини граѓани од Куманово и Скопје. Настанот помина со присуство на српски и македонски знамиња, музика и транспаренти со пораки „Куманово и Скопје се со Вучиќ“, а беше обезбедуван од полицијата и помина без инциденти.

Претседателката на здружението, Милена Величковиќ, изјави дека собирот не е насочен кон Македонија, туку претставува поддршка за Србија и израз на ставовите на заедницата на Срби кои живеат во земјата.

Медиуми блиски до српската власт го оценија настанот како „прекрасни сцени“ и му припишаа „геополитичко значење“.

CATEGORIES
TAGS
Share This