КАДЕ СЕ ГУБАТ ПАРИТЕ Доматите од нива 50 денари, во маркет 150

Земјоделците алармираат за огромни разлики меѓу откупните и малопродажните цени.

КАДЕ СЕ ГУБАТ ПАРИТЕ Доматите од нива 50 денари, во маркет 150
Фото: Принтскрин

Огромната разлика меѓу цените по кои земјоделците ги продаваат своите производи и конечните износи што ги плаќаат потрошувачите на пазарите и во маркетите повторно го отвори прашањето за состојбата во земјоделскиот сектор. Производителите велат дека работат со минимална исплатливост, додека најголемиот дел од заработката завршува кај откупувачите и трговците.

Според нивните пресметки, доматите од нивите се откупуваат по околу 50 денари за килограм, а на рафтовите достигнуваат и до 150 денари. Слична е состојбата и со пиперката – откупната цена изнесува околу 100 денари, додека малопродажната се искачува до 160 денари за килограм. Кај оризот, земјоделците добиваат приближно 80 денари, а крајната цена за потрошувачите е околу 120 денари.

Земјоделците реагираат дека ваквите разлики не се исклучок, туку долгогодишна пракса на домашниот пазар. Тие посочуваат дека по цела година труд, од обработка на земјиштето, наводнување и заштита на посевите, па сè до берба и транспорт и на крај остануваат со минимална добивка, додека трговската мрежа остварува најголем профит.

„Ние го носиме товарот на производството, а некој друг го собира профитот“, велат незадоволни производители.

Тие истакнуваат дека без посериозна контрола на маржите состојбата дополнително ќе се влошува.

Според нив, суштинскиот проблем е во недоволната инспекциска контрола и во нетранспарентниот синџир на откуп и продажба. Тие бараат поголемо присуство на инспекциските служби и поголема транспарентност при формирањето на цените, со цел точно да се знае колку заработува секој учесник во синџирот.

На зелените пазари, како што наведуваат дел од земјоделците, сè почесто место вистински производители се појавуваат препродавачи, што дополнително ја зголемува крајната цена за граѓаните. Оттаму произлегува и нивната оценка дека реалните продажни цени на доматите би требало да бидат значително пониски од сегашните пазарни.

Од друга страна, експерти од земјоделскиот сектор предупредуваат дека проблемот е системски и присутен со години. Тие предлагаат воспоставување јасни правила за формирање на цените,  од производствени трошоци, преку фер маржа за земјоделците, до ограничена трговска добивка, со цел пофер пазарна рамнотежа.

Дополнително, се нагласува потребата од засилена институционална контрола и намалување на сивата економија, која, според нив, дополнително го нарушува пазарот и ја замаглува разликата меѓу вистинските производители и прекупците.

Истовремено се истакнува дека проблемот не е нужно поврзан со увозот, бидејќи и во соседните земји трошоците за производство се слични, туку главно со степенот на државна регулација и организацијата на пазарниот систем.

CATEGORIES
TAGS
Share This