ПАВЕЛ УДРИ ПО МОСКВА – НАТО мора да покаже заби кон Русија

Чешкиот претседател предупредува дека Москва со години ја тестира решителноста на НАТО и бара поцврст одговор од Алијансата.

ПАВЕЛ УДРИ ПО МОСКВА – НАТО мора да покаже заби кон Русија
Фото: Принтскрин

Чешкиот претседател Петр Павел испрати остра порака до НАТО, повикувајќи Алијансата да покаже поголема сила и решителност кон Русија, која, според него, со години ја тестира границата на трпението на западните сојузници.

Во интервју за британскиот весник „Гардијан“, Павел оцени дека Москва намерно спроведува провокации во воздух и на море, внимателно избегнувајќи директен судир што би го активирал Член 5 од НАТО. Според него, Русија ја разбира единствено политиката на сила, а долгогодишната воздржаност на Алијансата само ја охрабрува на нови потези.

Поранешниот генерал и некогашен претседател на Воениот комитет на НАТО предупреди дека западните земји мора да одговорат поцврсто и „асиметрично“, споменувајќи можни мерки како ограничување на интернет и сателитските системи или дополнително исклучување на руските банки од меѓународните финансиски текови.

Осврнувајќи се на војната во Украина, Павел побара посилна поддршка за Киев и покритичен однос на Вашингтон кон Кремљ, оценувајќи дека евентуалното олеснување на санкциите треба строго да биде условено со мировен договор.

Тој ја критикуваше и Европа поради, како што рече, недостиг на јасна стратегија за идниот безбедносен поредок по завршувањето на војната, предупредувајќи дека пасивноста остава впечаток на слабост и дезориентираност.

Павел смета дека нов пакет санкции би можел да ја принуди Русија да седне на преговарачка маса, додавајќи дека прекинот на огнот и мировните разговори се клучен предуслов за каква било дебата за европската безбедност и евентуално укинување на санкциите кон Москва.

CATEGORIES
Share This