СКАНДАЛ ВО БИТОЛА Наставник држел настава, а формално бил без работа
Тврди дека редовно држел настава, внесувал оценки и присуствувал на Наставнички совет, иако уште во јануари му бил прекинат работниот однос.

Наставник по ликовно образование од Битола тврди дека цела учебна година предавал, оценувал ученици и водел е-дневник, без да знае дека формално му бил прекинат работниот однос уште во јануари 2025 година.
Станува збор за Стефан Поповски, кој бил ангажиран во три училишта за да оформи полн фонд часови. Во подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола одржувал четири часа неделно.
Поповски вели дека редовно доаѓал на работа, учествувал во училишни активности, водел електронски дневник, присуствувал на Наставнички совет и со ученици учествувал на натпревари и ликовни конкурси, без никој да го извести дека повеќе не е на платен список.
„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш повеќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа“, вели Поповски.
Тој тврди дека дури неодамна дознал оти училиштето престанало да му исплаќа плата и стаж од 29 јануари 2025 година, иако во меѓувреме продолжил нормално да одржува настава.
Според неговите наводи, имал целосен пристап до е-дневникот, внесувал оценки и редовно водел евиденција како и останатите наставници.
Во меѓувреме, училиштето му доставило решение за престанок на работен однос без негов потпис, а Поповски тврди дека документот првпат го видел неодамна.
Тој најави дека ќе покрене постапка против училиштето, а за случајот е известено и Основното јавно обвинителство во Битола.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, соопшти дека наложил општински инспекциски надзор за да се утврдат сите околности.
„Доколку се утврди дека наводите се точни, ќе биде покрената постапка за разрешување на директорката на училиштето“, изјави Коњановски.
