ВИЦЕГУВЕРНЕРКАТА ПРЕДУПРЕДУВА Ситуацијата изгледа стабилна, но ризиците растат

Банкарскиот сектор во регионот со подобрени показатели и зголемена отпорност.

ВИЦЕГУВЕРНЕРКАТА ПРЕДУПРЕДУВА Ситуацијата изгледа стабилна, но ризиците растат
Фото: Принтскрин

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, порача дека банкарскиот систем во регионот значително ги подобрил своите показатели и е поотпорен во споредба со периодот пред пандемијата. Сепак, таа предупреди дека силниот кредитен раст и зголемувањето на цените на недвижностите бараат зголемена претпазливост и континуирано следење на ризиците.

Овие ставови беа изнесени на 24. состанок на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), кој се одржува во Сараево, со домаќинство на Централната банка на Босна и Херцеговина.

Митреска истакна дека стапката на адекватност на капиталот во регионот сега изнесува 20,7%, во споредба со под 19% пред пандемијата. Воедно, учеството на нефункционалните кредити е намалено на 2,5%, од околу 6% во периодот пред кризата.

И покрај стабилноста на банкарскиот сектор, таа нагласи дека глобалната економска средина останува многу неизвесна, особено поради геополитичките тензии и нарушувањата во светските синџири на снабдување. Овие фактори можат да влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови.

Дополнително, беше посочено дека кредитниот раст во регионот достигнува околу 14% во 2025 година, што претставува највисоко ниво во последната деценија. Растот на станбеното кредитирање е придружен со значително поскапување на недвижностите, кои во просек се зголемени за околу 80% во изминатите пет години.

Митреска заклучи дека во вакви услови е неопходно постојано следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведување стрес-тестови и примена на макропрудентни мерки доколку тоа биде потребно.

На состанокот на БИС учествуваат претставници на Европската централна банка и централните банки од Централна и Источна Европа, кои дискутираат за економските перспективи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.

CATEGORIES
Share This