ДЕЛЕГАЦИЈА ОД МАКЕДОНИЈА КАЈ ПАПАТА – Гаши ја потенцираше улогата на соживотот

Во рамки на манифестацијата „Во чест на Свети Кирил“, македонската делегација оствари аудиенција кај Папата Лав XIV и средба со кардиналот Пјетро Паролин.

ДЕЛЕГАЦИЈА ОД МАКЕДОНИЈА КАЈ ПАПАТА – Гаши ја потенцираше улогата на соживотот
Фото: Принтскрин

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, ја предводи државно-црковната делегација во посета на Ватикан по повод традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“.

Во состав на делегацијата, која присуствуваше на аудиенција кај Папа Лав XIV, се координаторите на пратеничките групи Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Беким Ќоку, министерот за култура Зоран Љутков, генералната секретарка на Собранието Марина Димовска, како и поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство Стефан. Дел од делегацијата се и митрополитите Пимен и Георгиј, како и отецот Зоран Стојанов, претставник на Католичката црква.

На средбата со Папата, Гаши упати честитки по повод годишнината од неговиот избор и ја потврди посветеноста на државата кон унапредување на традиционално добрите односи со Светата Столица. Беа истакнати духовните и историските врски што Северна Македонија и Ватикан ги градат преку наследството на Светите Кирил и Методиј и делото на Мајка Тереза.

Во разговорите беше потенцирано значењето на мирот, толеранцијата и меѓурелигискиот дијалог како темели за стабилност и соживот. Гаши нагласил дека Северна Македонија останува пример за мултикултурен и меѓуетнички соживот и почитување на верските слободи.

Во рамки на посетата, претседателот на Собранието остварил средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин. На средбата се разговарало за продлабочување на билатералната соработка, како и за можности за заеднички проекти во културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното наследство.

Делегацијата ја посетила и Базиликата Свети Петар, каде што на Папата му биле врачени симболични подароци од Македонија. Меѓу нив е скулптурата „Пердув/Перо“, изработена од прилепски мермер од скулпторот Андреј Митевски, која ја симболизира слободата, духовноста и моќта на зборот и просветителството. Како личен подарок, Папата добил и кавал изработен од мајсторот Бобан Анакиев, инструмент што претставува еден од најпрепознатливите симболи на македонската традиција и култура.

На кардиналот Паролин му бил подарен мозаик со мотив на паун, инспириран од мозаиците во античките локалитети Стоби и Хераклеја Линкестис. Паунот, како симбол на воскресение, надеж и вечен живот, претставува важен дел од македонското културно и духовно наследство.

Посетата ќе заврши со концерт во организација на Министерството за култура, на кој ќе настапи квартетот „Консонанс“.

CATEGORIES
Share This