ТРАГЕДИЈА НА СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА Загинаа четири лица, меѓу нив и оперскиот баритон Ристе Велков и неговиот син
Камион со косовски таблички пробил заштитна ограда и директно удрил во автомобил на скопската обиколница.

Трагедија ја потресе Македонија откако четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случи на скопската обиколница, меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци. Меѓу загинатите се и баритонот и првенец на Националната опера и балет, Ристе Велков, како и неговиот 20-годишен син, потврдија од НОБ.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена околу 23 часот во СВР Скопје. Товарно возило влекач „ман“ со полуприколка и косовски регистарски ознаки, управувано од 76-годишен државјанин на Косово, изгубило контрола, ја пробило металната ограда и преминало во спротивната насока, каде директно се судрило со патничко возило „бмв“ со скопски таблички.
По силниот удар избувнал пожар, при што автомобилот и кабината на камионот целосно изгореле. Интервенирала Бригадата за противпожарна заштита на Скопје, која го изгаснала огнот.
На местото на несреќата животот го загубиле возачот на „бмв“-то, Р.В. (51), сопатниците А.В. (20) и П.М. (20) од Скопје, како и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е официјално утврден. Смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телата се предадени на обдукција.
По налог на обвинителството, возачот на товарното возило е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосното расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Поради увидот, сообраќајот на обиколницата бил пренасочуван од 23:10 до 05:00 часот, по што повторно бил нормализиран.
Ристе Велков беше еден од најпрепознатливите оперски баритони во земјава. Роден во 1975 година во Скопје, како солист-првенец на Национална опера и балет остави длабока трага на македонската оперска сцена. Во текот на кариерата реализираше 26 улоги, а публиката особено го памети по настапите во оперите „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“ и Травијата.
