ПЕНЗИОНЕРИ ИЗМАМЕНИ ЗА 56.000 ЕВРА – Лажни повици за „итни операции“
Осум повозрасни лица од Штип и Виница останале без илјадници евра по лажни повици за итни операции на блиски роднини.

Основниот суд во Штип го осуди П.С. од Охрид на пет години и шест месеци затвор поради серија измами врз повозрасни граѓани од Штип и Виница, извршени во текот на јануари годинава.
Според судската пресуда, обвинетиот во рок од еден месец измамил осум лица користејќи добро позната телефонска измама. Тој им се јавувал на жртвите и лажно се претставувал како лице кое пренесува итни информации за тешка здравствена состојба на нивни блиски роднини.
Во разговорите тврдел дека нивните ќерки или внуци доживеале сериозни повреди и дека за итна операција се потребни големи суми пари. Вознемирени и убедени дека станува збор за вистинска несреќа, оштетените во повеќе случаи му предавале пари.
Со ваквата измама, П.С. стекнал противправна имотна корист од 3.472.906 денари, односно околу 56.000 евра.
Портпаролот на Основниот суд во Штип и претседател на Кривичниот совет, судијата Сашко Георгиев, изјави дека станува збор за продолжено кривично дело измама извршено врз осум оштетени лица, при што обвинетиот ја злоупотребил нивната грижа и страв за најблиските.
Судот одлучил мерката притвор за обвинетиот да остане во сила сè до правосилноста на пресудата.
