НАТО ПОДГОТВУВА ВОЕНА МИСИЈА ВО ХОРМУТ – Светот на раб на нова Иранска војна

Разговори меѓу членките на алијансата, но без конечна одлука.

НАТО ПОДГОТВУВА ВОЕНА МИСИЈА ВО ХОРМУТ – Светот на раб на нова Иранска војна
Фото: Принтскрин

НАТО наводно разгледува испраќање воени бродови во Хормутскиот теснец најдоцна до јули, со цел да се обезбеди еден од најважните поморски коридори во светот, низ кој поминува околу една петтина од глобалните испораки на нафта и гас.

Според информации на „Блумберг“, повеќе членки на алијансата водат преговори за можноста за распоредување воени сили во регионот, дури и без постигнат мировен договор меѓу САД и Иран.

Сепак, ваквата операција сè уште е далеку од одлука, бидејќи бара консензус од сите членки на НАТО. Дел од државите, меѓу кои и Шпанија, изразуваат резервираност, предупредувајќи дека ваков потег може да доведе до поширока ескалација.

„Дали се размислува за тоа? Да, апсолутно. Но нема никакво оперативно планирање без политичка одлука“, изјави генерал Алексус Гринкевич, врховен командант на сојузничките сили во Европа.

Во меѓувреме, ситуацијата меѓу САД и Иран останува напната. Претседателот Доналд Трамп предупреди дека можни се нови воени акции доколку Техеран не се откаже од својата нуклеарна програма, нагласувајќи дека одлуките би можеле да следат во многу краток рок.

Истовремено, Иран доставил нов предлог кој предвидува прекин на непријателствата на сите фронтови, повлекување на американските сили од регионот и исплата на воени репарации,  услови кои Вашингтон претходно веќе ги отфрлил.

Паралелно со дипломатските напори, безбедносната состојба во Заливот се влошува. Обединетите Арапски Емирати соопштија дека истражуваат серија напади со беспилотни летала насочени кон цивилни цели во последните 48 часа.

Според информациите од тамошното Министерство за одбрана, дел од дроновите биле испратени кон нуклеарната централа Барака, а нападите наводно потекнуваат од ирачка територија, каде што дејствуваат групи поврзани со шиитски милиции блиски до Техеран, пренесува „Телеграф“.

Ситуацијата останува крајно нестабилна, со истовремени дипломатски обиди за деескалација и зголемени ризици од директен конфликт.

CATEGORIES
Share This