СКАНДАЛ ШТО НЕ СТИВНУВА – Шпионажа или политичка пресметка
Обвинителството води предистрага за можни неправилности и протекување на доверливи податоци во Кабинетот на претседателката.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сомнежите за наводна шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потекнуваат од, како што рече, „шпионски талог на општеството“ – структури од минатото кои биле дел од кабинети на поранешни политичари. Тој посочи дека ваквите групи, според него, испраќале анонимни дописи до Обвинителството и создавале непотребна паника во јавноста.
Мицкоски додаде дека не сака да ги коментира таквите лица, кои ги нарече „глодари“, оценувајќи дека треба да бидат заборавени. Изјавата ја даде како одговор на новинарско прашање поврзано со наводниот шпионски случај во Вила Водно.
Ова следува по информациите дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција води предистрага за можни активности поврзани со шпионажа во Кабинетот на претседателката. Се сомнева дека вработен можеби извлекувал податоци од службени компјутери, со цел да се утврди дали информации биле пренесувани до странска разузнавачка служба.
Според извештаите, истрагата трае веќе неколку месеци, а Обвинителството сè уште ги чека резултатите од Министерството за внатрешни работи, вклучително анализи на одземена компјутерска и телефонска опрема, како и видео-снимки од безбедносните камери во и околината на Кабинетот на претседателката.
