МЕЏИТИ ОТКРИ – За три месеци правосудниот испит и на албански јазик

Владините партнери најавуваат законски измени, додека студентите бараат итна примена без нови одложувања.

МЕЏИТИ ОТКРИ – За три месеци правосудниот испит и на албански јазик
Фото: Принтскрин

Во рок од три месеци се очекува да се реши прашањето со полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Претседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, за Euronews изјави дека по средбата со премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на БЕСА, Билал Касами, бил постигнат договор за барањето на студентите.

Според Меџити, Владата е усогласена не само околу правосудниот испит, туку и околу поширока примена на Законот за јазиците во професионалните испити и лиценци.

„Не сме побарале, туку сме се договориле, усогласени сме. Тоа е заедничка изјава на премиерот и двата владини партнери ВМРО и ВЛЕН“, изјави Меџити.

Тој додава дека измените би можеле да бидат завршени во рок од три месеци, поради законските процедури што треба да поминат низ Владата и Собранието.

Од друга страна, пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари, изрази сомнеж дека Владата ќе понуди соодветно решение. Таа оцени дека Законот за употреба на јазиците и Уставот веќе овозможуваат полагање на испитот на албански јазик и дека е потребна само практична примена од страна на Министерството за правда.

Ајдари предупреди дека новите законски измени би можеле дополнително да ја искомплицираат постапката, наместо да го олеснат процесот за студентите.

Во меѓувреме, студентите бараат правото за полагање на правосудниот испит на албански јазик што поскоро да се спроведе во пракса, најавувајќи дека ќе продолжат со јавните реакции сè до конечно решавање на прашањето.

CATEGORIES
TAGS
Share This