ДЕТАЛИ ЗА УБИСТВОТО ВО БОЈАНЕ – ОЈО бара 48-часовен притвор за осомничениот

Телото на 18-годишното момче било пронајдено во шумска област кај Сарај, заедно со оружјето.

ДЕТАЛИ ЗА УБИСТВОТО ВО БОЈАНЕ – ОЈО бара 48-часовен притвор за осомничениот
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Скопје нареди обдукција на телото на 18-годишното момче од скопско Бојане, кое беше пронајдено мртво во шумска област во околината на Сарај, додека за 19-годишникот осомничен за убиството е побаран краткотраен притвор.

Од ОЈО информираат дека јавен обвинител издал наредби за обдукција, како и за вештачење на трагите и оружјето за кое постои сомнение дека било употребено при извршувањето на делото.

Според обвинителството, постои основано сомнение дека кривичното дело „Убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил 19-годишен жител на истото село, кој веќе е лишен од слобода.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, прикривање на траги и ризик од повторување на кривично дело, јавниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка да му биде определен краткотраен притвор во траење од 48 часа, до обезбедување на сите докази и формално отворање на истрагата.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека во петокот околу 00:50 часот во село Бојане бил приведен М.Б. (19), откако неговиот татко И.Б. го пријавил случајот на телефонската линија 192.

Според пријавата, осомничениот му признал на татка си дека на 15 мај 2026 година, во шума во близина на Сарај, со пиштол го усмртил Б.Д. (18) од Бојане.

Полициските службеници го пронашле телото на жртвата, како и пиштолот за кој се сомнева дека бил употребен при убиството. По целосно документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

CATEGORIES
Share This