ПАД ШТО ЗАГРИЖУВА – Од 23.000 до 15.500 новороденчиња за една деценија
Женското здравје како темел на општеството и иднината на државата.

Во текот на изминатата година во земјава се регистрирани околу 15.500 новороденчиња, што укажува на значително намалување на природниот прираст, покажуваат најновите демографски податоци за 2025 година. Ова денеска го истакна проф. д-р Елена Џикова од Клиниката за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), на настан по повод Неделата на женско здравје 2026.
Таа посочи дека пред десет години бројот на новородени изнесувал околу 23.000, што значи дека во меѓувреме се бележи пад од приближно 30 проценти. Според неа, ваквиот тренд претставува сериозен аларм кој бара поголемо внимание и засилена поддршка за женското репродуктивно и семејно здравје.
Џикова нагласи дека во услови на континуиран пад на природниот прираст, клучни се едукацијата и превенцијата кај жените во сите животни фази — од младоста, преку репродуктивниот период, па сè до бременоста, кога тие се најранливи.
Таа додаде дека редовните гинеколошко-акушерски прегледи за време на бременоста се од особено значење, бидејќи современата медицина овозможува рано откривање и превенција на можни компликации, како и нивно ублажување со цел заштита на здравјето на мајката и новороденчето.
„Здравјето на жената е темел на секое општество и секое семејство, а новороденчињата се надеж за иднината на државата“, истакна проф. д-р Џикова.
