ИГРА НА МОЌ ВО ПЕКИНГ – Експерти анализираат говор на телото на двајцата лидери
Двајцата лидери разменија ракување пред Големата сала на народот, додека аналитичари го коментираат нивниот однос и политичката динамика.

Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг се сретнаа во Пекинг, каде што одржаа состаноци насочени кон клучни глобални прашања, вклучувајќи ги односите меѓу САД и Кина и ситуацијата со Иран.
По средбата, Трамп изјави дека се постигнати напредоци во повеќе области, но дека суштински договори за најважните прашања сè уште не се објавени. Двајцата лидери, според неговите изјави, се согласиле дека Иран не треба да поседува нуклеарно оружје.
Трамп исто така порача дека САД „немаат потреба“ од отворање на Хормутскиот теснец, додека Кина е посилно зависна од тој морски премин. Од кинеското Министерство за надворешни работи беше наведено дека конфликтот со Иран „не требало да се случи“.
Посебно внимание привлече нивното кратко ракување пред Големата сала на народот, кое светските медиуми го анализираа како симбол на односот меѓу двајцата лидери.
Според експерт за говор на телото, динамиката меѓу нив покажувала меѓусебно надмудрување и обиди за доминација, при што беа анализирани нивните гестови за време на ракувањето и движењето при заедничкото одење.
Според експертот за говор на телото Луиз Малер, „ако животот е натпревар, за мене Си победи“. Двајцата се погледнаа во очи, покажувајќи подготвеност за разговор, а Трамп веднаш се обиде да доминира, ја додаде другата рака за да се ракува и двапати ја потапка раката на Си, објасни експертот. Понатаму, Малер забележа дека Си не го олабавил стисокот и сам одлучил кога да ја пушти раката. Подоцна, додека оделе, Трамп ја ставил раката врз Си како да го води, гест што експертот го смета за обид за доминација.
Посетата во Пекинг беше внимателно следена од меѓународните медиуми поради високите геополитички тензии меѓу двете сили.
