АМЕРИКАНСКАТА ИНДУСТРИЈА ВО ПАНИКА – Кина со евтини електрични возила го освојува светот
Американските производители, синдикати и политичари бараат Вашингтон да не дозволи кинеските автомобили да добијат пристап до американскиот пазар.

Американската автомобилска индустрија, синдикатите и политичарите од двете партии вршат силен притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп пред неговата средба со кинескиот лидер Си Џипинг, барајќи Вашингтон да не им дозволи на кинеските автомобилски компании пристап до американскиот пазар. Главната порака е јасна и евентуален трговски договор меѓу САД и Кина не смее да отвори врата за кинеските автомобили во американските салони.
Иако Трамп претходно изјави дека би било позитивно кинеските производители да отвораат фабрики во САД и да вработуваат Американци, ваквите ставови предизвикаа загриженост во домашната индустрија. Производителите на автомобили, добавувачите на делови, челичарниците и синдикатите предупредуваат дека кинеските компании, поддржани од државни субвенции, огромни производствени капацитети и ниски цени, можат сериозно да ја загрозат американската автомобилска индустрија.
Демократската сенаторка од Мичиген, Елиса Слоткин, го повика Трамп да не склучува договор што би овозможил кинески инвестиции во американскиот автомобилски сектор и влез на кинески брендови на американскиот пазар.
Во меѓувреме, кинеската автомобилска индустрија сè повеќе се потпира на извозот поради слабеењето на домашната побарувачка. Продажбата на патнички автомобили во Кина во април падна за 21,5 проценти на годишно ниво, достигнувајќи 1,38 милиони возила, додека високите цени на горивата и слабата доверба кај потрошувачите дополнително ја намалуваат побарувачката.
Од друга страна, кинескиот извоз бележи рекорден раст. Во април Кина извезла 769.000 автомобили, а повеќе од половина и 52,7 проценти биле електрични и plug-in хибридни возила. Извозот на овие возила скокнал за дури 111,8 проценти и достигнал 406.000 единици.
Зголемените глобални цени на нафтата, поттикнати од конфликтите на Блискиот Исток и тензиите поврзани со Иран, дополнително ја зголемија побарувачката за електрични возила на странските пазари. Потрошувачите сè повеќе се насочуваат кон електрични и хибридни автомобили со цел да ги намалат трошоците за гориво.
И покрај тоа што автомобилскиот саем во Beijing донесе краткотраен оптимизам, аналитичарите очекуваат кинескиот пазар и понатаму да се соочува со забавување на побарувачката. Поради тоа, извозот ќе стане клучен двигател на растот за кинеските производители, кои сè поагресивно се шират во Европа и Латинска Америка за да ги надоместат слабостите на домашниот и блискоисточниот пазар.
