ВЕТУВАЊА, МАНИПУЛАЦИИ И УКИНУВАЊЕ Судир меѓу албанските партии, кој ќе ја реши судбината на медресата „Иса бег“?
Сепак, Уставниот суд утврди дека со таа одлука е прекршен Уставот, бидејќи на верските заедници им е забрането основање граѓански средни училишта, а верското организирање и дејствување е исклучено од рамките на образовниот систем.

Одлуката на Уставниот суд со која се укинува претходната владина одлука за доделување на статус на приватно средно училиште на медресата „Иса Бег“ предизвика жесток политички судир меѓу албанските партии во земјата.
Политичката платформа ВЛЕН остро ја критикуваше Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја за манипулација со верските чувства на граѓаните и за политичка злоупотреба на ова чувствително прашање. Според ВЛЕН, акредитацијата на медресата била „лажна“, а ДУИ ја користела во изборни кампањи без реално да го реши проблемот.
„Одлуката на Уставниот суд за одземање на лажната акредитација на медресата ‘Иса Бег’ е удар за сите измамени од празните ветувања на ДУИ. Денес се потврди дека медресата никогаш не била законски акредитирана“, се наведува во реакцијата на ВЛЕН.
ДУИ, пак, ја обвини институцијата за „неуставна и политичка“ одлука, оценувајќи ја како директен напад врз верските слободи и правото на образование на младите муслимани.
„Одлуката негира право на образование и иднина на илјадници млади луѓе. Станува збор за напад врз достоинството на муслиманската заедница и за укинување на исправка на историска неправда“, соопштија од партијата.
Своја реакција имаше и Исламската верска заедница (ИВЗ), која ја изрази својата длабока загриженост и несогласување со одлуката. Според нив, се работи за продолжување на политика на дискриминација кон учениците од медресата.
Спорната одлука произлегува од акт на техничката влада предводена од Талат Џафери во март минатата година, кога беше донесена одлука медресата да добие статус на приватна гимназија. Со ова требаше да се овозможи на нејзините ученици да продолжат со високо образование во земјата, што дотогаш не било возможно поради нејзиниот статус како верско училиште.
Сепак, Уставниот суд утврди дека со таа одлука е прекршен Уставот, бидејќи на верските заедници им е забрането основање граѓански средни училишта, а верското организирање и дејствување е исклучено од рамките на образовниот систем.
Со ваквата пресуда, учениците од медресата „Иса Бег“ повторно се наоѓаат во позиција во која нивните дипломи не се признаваат за продолжување на студии на домашните универзитети.


