ПАНДОВ СО СЕРИОЗНИ ОБВИНУВАЊА Нападот врз мојата куќа е порака од затворските банди

Според него, најголем дел од затворениците кои го почитуваат законот го имаат за пријател, но тие што се однесувале како „газди на затворите“, тепале стражари и се занимавале со лихварство, се негови директни противници.

ПАНДОВ СО СЕРИОЗНИ ОБВИНУВАЊА Нападот врз мојата куќа е порака од затворските банди

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, изрази сомневање дека затворски банди или осудени лица стојат зад неодамнешниот напад врз неговата куќа во скопското село Зелениково. Тој го поврза инцидентот со засилениот притисок врз затворениците по промената на власта и губењето на нивните досегашни привилегии.

„Имам основано сомневање и на тие треба да им биде јасно дека се задолжиле многу кај мене. Ако ми се докаже дека е некој од нив, до крајот на нивниот живот ќе го плаќаат тој долг“, изјави Пандов во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Пандов истакна дека инцидентот не го доживува како личен напад, туку како удар врз институцијата која ја води и врз напорите за борба против корупцијата и криминалот во затворскиот систем.

„Ова не е атак на Александар Пандов, ова е атак на директорот на Управата за извршување санкции“, рече тој, додавајќи дека има информации за разговори меѓу затвореници и надворешни лица за планирање на напади и други тешки кривични дела.

Според него, најголем дел од затворениците кои го почитуваат законот го имаат за пријател, но тие што се однесувале како „газди на затворите“, тепале стражари и се занимавале со лихварство, се негови директни противници.

Пандов откри и дека затвореници нуделе и до 20.000 евра за да добијат мобилен телефон, а некои затворски полицајци подлегнале на тие понуди. Тој додаде дека лично му биле понудени високи суми пари како поткуп.

„Мене лично ми понудија суми со четири нули. Многу пари се вртат во затворите“, рече Пандов, посочувајќи дека трагедијата е што во ваквите случаи има соучесништво и од внатре – односно корумпирани затворски службеници.

Тој потврди дека е свесен за ризикот од функцијата што ја извршува и дека размислувал и за можни напади врз неговиот живот.

„Сум помислил и на тоа дека можам да влезам во автомобил и да летнам во воздух. Тоа е ризик што доаѓа со функцијата“, рече Пандов, додавајќи дека примал и закани за убиство.

Во делот на реформите, Пандов најави дека за неколку дена ќе започне примената на електронскиот надзор преку алки за осудени лица кои ќе издржуваат казна во куќен притвор. Тој изрази оптимизам дека до крајот на годината ќе започне и изградбата на втората фаза од затворот Идризово, а работната група веќе го финализирала новиот Закон за пробација.

Според него, претресите што ги спроведува интервентната единица покажале дека повеќе од 50 отсто од затворениците поседувале мобилни телефони – проблем кој, како што нагласи, е приоритет за отстранување.

Од МВР го потврдија инцидентот. Преземаат мерки за негово расчистување.

„На 29.04.2025 во 18:45 часот во СВР Скопје А.П (54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд куќа во с.Орешани, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – велат од МВР.

Од ВМРО-ДПМНЕ  исто така го осудија инцидентот. Велат палењето на куќата на првиот човек на Управата за санкции  е обид за заплашување и замолчување.

„Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов, бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта“ велат во ВМРО-ДПМНЕ.

CATEGORIES
Share This