ЗАХАРОВА СО ЖЕСТОКА РЕАКЦИЈА Ја нарече ЕУ мафија поради притисокот врз Вучиќ да не оди во Москва за 9 Мај
Реакцијата доаѓа откако шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, повика европските лидери да не учествуваат на воените прослави на 9 мај во Москва, поради воената агресија на Русија врз Украина.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, остро реагираше на предупредувањата од Европската Унија до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со неговата најава за присуство на прославите на Денот на победата во Москва. Таа ги нарече овие предупредувања „бандитизам и уцена“, споредувајќи ги со методи на терористички ќелии.
„Кои се овие ‘црни знаци’ што ги испраќа Западот? Вака делуваат пиратите, мафијата, уценувачите и терористите“, напиша Захарова на Телеграм, алудирајќи на, како што рече, притисоците врз Србија.
Според неа, Европската комисија користи „гангстерски методи“ во односот кон Србија, и тоа иако земјата официјално е кандидат за членство во ЕУ.
„Дали Европската комисија се откажа од демократијата? Ако навистина ја почитува демократијата, треба да ги признава и резултатите од народната волја, наместо да применува методи кои самата ги осудува – диктатура“, изјави Захарова.
Реакцијата доаѓа откако шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, повика европските лидери да не учествуваат на воените прослави на 9 мај во Москва, поради воената агресија на Русија врз Украина.
„Јасно беше истакнато од повеќе земји-членки дека учеството во парадата на 9 мај нема да биде прифатено со разбирање, имајќи предвид дека Русија води војна во Европа“, изјави Калас.


