ДВЕ ЗЕМЈИ ЕДНА ВИЗИЈА – Уметноста како мост меѓу културите

Меморандумот за културна соработка отвора нови можности за размена на уметници и експерти.

ДВЕ ЗЕМЈИ ЕДНА ВИЗИЈА – Уметноста како мост меѓу културите
Фото: Принтскрин

Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб е потпишан Меморандум за културна соработка меѓу Музејот за уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопје. Договорот го потпишаа директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ, и директорот на Националната галерија, Али Синани, заедно со програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска.

Меморандумот е резултат на досегашната успешна соработка и реализација на заеднички проекти помеѓу загребскиот Музеј за уметност и занаети и македонскиот КИЦ, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна:

„Потпишувањето на овој Меморандум претставува значаен чекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска. Нашиот центар игра клучна улога во поттикнувањето на партнерства меѓу институциите од двете земји и промоцијата на нивните културни вредности.“

Целта на Меморандумот е зајакнување на меѓународната соработка преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на двете земји, како и развој на заеднички и индивидуални програми. Посебен акцент е ставен на поврзување на богатите фондови на институциите, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети.

Директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, нагласи:

„Овој Меморандум ќе овозможи размена на знаења и искуства и отвора нови можности за соработка меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници.“

Сањин Михелиќ, директор на Музејот за уметност и занаети во Загреб, додаде:

„Особено ни е задоволство што оваа година ќе реализираме две изложби во Македонија, со што соработката веднаш се претвора во конкретна и видлива културна програма за публиката од двете земји.“

Идните проекти кои ќе произлезат од ова партнерство вклучуваат две значајни изложби оваа година:

„Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“ во галерискиот простор Мала станица на Националната галерија во Скопје и „Арсовски фотографи“ во Музејот на град Скопје. Минатата година овие изложби беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб.

„Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини за пошироката публика“, истакна Маја Крстевска.

CATEGORIES
Share This