КЛУЧЕН ДЕН – Се решава кој ќе гони организиран криминал
Новите обвинители ќе работат на најсложените и најчувствителни предмети

Советот на јавните обвинители денеска ќе ја одржи својата 40-та седница, на која во фокусот ќе бидат значајни кадровски решенија во правосудниот систем. Како главна точка на дневниот ред се издвојува изборот на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Покрај ова, Советот ќе одлучува и за пополнување на позициите во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, институција која постапува по најкомплексните случаи во државата.
Според најавата, на седницата е предвидено и донесување одлуки за избор на јавни обвинители во ова обвинителство во Скопје.
Инаку, седницата првично беше закажана за 18 март, но по нејзиното одложување, денеска се очекува да бидат донесени конечните одлуки за новите обвинители кои ќе работат на предмети од висок јавен интерес.


