МИЦКОСКИ УДРИ ПО КОРУПЦИЈАТА – Пријавувајте, ќе ги фатиме на дело

Се следат посредници кои се повикуваат на името на Христијан Мицкоски.

МИЦКОСКИ УДРИ ПО КОРУПЦИЈАТА – Пријавувајте, ќе ги фатиме на дело
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања во Собрание на Република Македонија порача дека корупцијата и криминалот се најголема закана за државата, особено кога носителите на функции стануваат „заложници“ на такви влијанија.

Тој ги повика граѓаните и бизнис-заедницата активно да пријавуваат злоупотреби, нагласувајќи дека токму преку пријави од жртви се откриваат случаи и се идентификуваат сторителите. Според него, клучно е граѓаните да учествуваат во процесот за институциите да можат да реагираат навремено и ефикасно.

Мицкоски се осврна и на критиките дека се процесираат само актуелни функционери, објаснувајќи дека за поранешните власти постојат ревизорски извештаи кои треба да бидат предмет на постапување од страна на Јавно обвинителство на Република Македонија. Тој очекува новиот јавен обвинител да ги отвори овие предмети и да утврди дали има основ за кривична одговорност.

Премиерот предупреди и на појава на посредници кои се повикуваат на неговото име за да изнудуваат услуги, посочувајќи дека институциите ги следат ваквите случаи и ќе реагираат соодветно.

Во своето излагање, тој истакна дека довербата во правната држава може да се врати само преку заедничка акција на институциите и граѓаните, со нулта толеранција за корупција.

Премиерот нагласи дека е неопходно да се расчистат и одредени чувствителни прашања од минатото, вклучително и постапувањето со предметите на Специјално јавно обвинителство и начинот на кој се воделе одредени судски процеси.

На крајот, Мицкоски порача дека не смее да има привилегирани, и дека секој за кого постои сомнеж за криминал и без разлика дали е дел од актуелната власт или од опозицијата треба да биде предмет на истрага. Само така, според него, може да се обезбеди еднаквост пред законот и вистинско владеење на правото.

CATEGORIES
TAGS
Share This