РОЗИ МИЦКОСКА НА ГЛОБАЛЕН САМИТ – 341 училиште и 1.900 наставници, Македонија го менува начинот на учење
Сопругата на премиеро Мицкоски учествуваше на глобален самит во Вашингтон за дигитална писменост на младите.

Сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска, учествуваше на дводневниот самит „Fostering the Future Together Global Coalition Summit“ во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп. Настанот собра претставници од 45 држави и повеќе од 20 водечки технолошки компании, со цел зајакнување на глобалната соработка во полето на образованието, технологијата и благосостојбата на децата во дигиталната ера.
Самитот промовира партнерства меѓу државите и приватниот сектор, развој на иновативни образовни програми и примена на напредни технологии, вклучително и вештачка интелигенција, за поддршка на младите. Во придружба на Мицкоска беше и советникот за надворешна политика на премиерот, Сашо Марковски.
На работната сесија „Safety and Protection Online“, Мицкоска имаше свое обраќање, истакнувајќи дека во Македонија веруваме дека дигиталната писменост треба да започне уште од најраните училишни години.
„Нашата цел е младите не само да ја користат технологијата, туку и да ја разбираат, критички да размислуваат за неа и да ја применуваат за решавање на реални проблеми. Клучен чекор во таа насока е програмата за учење на 21 век, која ја спроведуваме во партнерство со меѓународни организации и приватниот сектор. Денес, 341 основно училиште и околу 1.900 наставници во нашата земја се дел од оваа иницијатива“, нагласи Мицкоска.


