БОМБА ОД ВНАТРЕ – Генерал од НАТО призна, бомбардирањето било нелегално
Поранешен висок функционер открива дека ултиматумите биле само изговор за напад.

Пензионираниот португалски генерал-мајор Раул Куња, поранешен висок функционер во КФОР и УНМИК, излезе со сериозни обвинувања за интервенцијата на НАТО врз Сојузна Република Југославија во 1999 година, оценувајќи ја како целосно спротивна на меѓународното право.
Во изјава за РТС, Куња нагласи дека бомбардирањето било спроведено без одобрение од Советот за безбедност на Обединетите нации, што, според него, го прави нелегално.
„Тоа беше наметнување на политичка волја, пред сè на САД, преку серија ултиматуми кои послужија како изговор за интервенција“, истакна Куња.
Тој особено ги критикуваше преговорите во Рамбује во 1999 година, нарекувајќи ги „фарса“ и однапред подготвен сценарио.
„Беше поставен услов што Србија тешко можеше да го прифати. Кога го одби, тоа стана оправдување за воена акција“, додаде тој.
Куња потсети дека конфликтот завршил со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, со која формално бил потврден суверенитетот на Србија, но нагласи дека НАТО со интервенцијата ги прекршил сопствените принципи.
„Алијансата, која требаше да биде одбранбена, првпат беше употребена за напад врз суверена држава“, рече тој.
Осврнувајќи се на мартовскиот погром во 2004 година на Косово, Куња упати остри критики кон КФОР, обвинувајќи ги меѓународните сили за неактивност.
„КФОР не го исполни својот мандат. Некои контингенти едноставно се повлекоа и дозволија уништување на имот и верски објекти“, изјави тој.
Според него, особена одговорност имаат француските, германските и италијанските сили, кои, како што рече, не реагирале навреме и соодветно.
Куња оцени дека објаснувањата за „правилата на ангажман“ по настаните биле само слаб изговор, додавајќи дека и цивилната мисија на УНМИК можела да покаже поцврст став.


