ШОКАНТНА РЕВИЗИЈА – 129 милиони денари „исчезнале“ во политичко рекламирање

Над 129 милиони денари пренасочени за политичко рекламирање, ревизијата открива отстапувања во работењето на ДИК

ШОКАНТНА РЕВИЗИЈА – 129 милиони денари „исчезнале“ во политичко рекламирање
Фото: Национал

Ревизијата за работењето на Државната изборна комисија (ДИК) за 2024 година открива дека повеќе од 129 милиони денари од буџетот, првично наменет за изборни активности, биле пренасочени кон трошоци за политичко рекламирање.

Според наодите, распределбата на средствата не била во согласност со законски утврдениот сооднос, што укажува на сериозни отстапувања во планирањето и реализацијата на буџетот.

Анализата покажува дека при планирањето на средствата не бил почитуван член 88 од Изборниот законик. Наместо предвидените 33,33% за надомест на трошоците за платено политичко рекламирање, биле планирани 50%. Од друга страна, за останатите изборни дејствија, наместо 66,67%, биле предвидени само 50%.

Во одобрените буџетски средства, учеството на средствата за политичко рекламирање изнесувало 43%, додека 57% биле наменети за други изборни активности.

Како резултат на ваквата распределба, дошло до прелевање на 129,453 милиони денари од средствата наменети за изборни дејствија кон исплата на трошоци за платено политичко рекламирање на учесниците во изборните кампањи.

Ревизорите предупредуваат дека ваквото пренасочување отвора сериозни прашања за транспарентноста и оправданоста на трошењето јавни пари во изборниот процес. Наместо да се следи пропишаната структура, значителен дел од средствата бил насочен кон политичко рекламирање, што може да влијае врз рамнотежата и интегритетот на изборите.

Покрај ова, ревизијата утврдила и низа други слабости во работењето на ДИК:
– пописот на средствата и обврските не е извршен согласно законските прописи;
– не е направена процена на вредноста на дел од недвижностите;
– планирањето и одобрувањето на средствата не се врши во согласност со законски утврдениот сооднос;
– документацијата за изборните трошоци е доставувана ненавремено и некомплетно;
– не е назначен генерален секретар;
– набавени се стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка;
– недоследно се применувал Законот за јавни набавки, особено при набавка на софтвер за обработка и објава на изборни резултати.

Овие наоди се дел од пошироките забелешки за системски слабости во финансиското управување. Ревизијата дава препораки за појасно уредување на моделот за финансирање на изборите и доследно почитување на законските одредби во иднина.

CATEGORIES
Share This