ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕ НЕ Е ЗАПРЕНА – Сите државни давачки платени
Во периодот кога СДСМ и ДУИ беа на власт, ниту една делница не беше започната, а исплатени беа 260 милиони евра за мобилизација.

Изведувачите Бехтел и Енка продолжуваат со изградбата на автопатите според утврдената динамика, а сите давачки од државата во моментов се платени. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, истакнува дека растот на цените на горивата засега нема да предизвика дополнителни трошоци.
„Не постои поголем градежен договор каде што не постои клизно прилагодување на цени, каде што се ставаат неколку клучни параметри. Тоа може да влијае негативно на проекти како оние на Бехтел и Енка и на Синохидро. Минатата година имавме намалување на цени. Битуменот е една од главните состојки за производство на асфалт, а транспортот има значителен удел при изградба на големи инфраструктурни проекти. Засега состојбата е стабилна и ако проектот заврши во наредните 2-3 месеци, нема да има проблем. Ако растот на цените продолжи, ќе седнеме да разговараме“, рече Николоски.
На прашањето за промените во односот кон договорот со Бехтел и Енка од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција и сега кога е на власт, Николоски одговори дека сега се работи, за разлика од периодот кога СДСМ и ДУИ беа на власт, кога ниту една траса не беше започната.
„Јас бев најгласен критичар на договорот во опозиција. Најголемата маана е што договорот е класифициран, и на секој мој состанок со раководството на конзорциумот барам да се декласифицира, но тие секогаш одбиваат. Во 2024 година, кога бевме избрани, ниту една делница не беше започната, а беа исплатени 260 милиони евра за мобилизација. Изборот беше да го раскинеме договорот и да одиме на арбитража, каде сигурно ќе изгубевме уште 250-260 милиони, или да ги натераме Бехтел да работат. Сметам дека е почесно да се заврши проектот за парите кои веќе се исплатени, отколку да им ги поклониме“, посочи вицепремиерот Николоски.


