ПОЧИНА ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ – Автор на бројни изложби дома и во странство
Јавно реагираше за недоразбирања со културни институции, штитејќи ја македонската уметничка идентичност.

Почина еден од најреномираните македонски сликари, Илија Пенушлиски, на 79-годишна возраст, соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски преку социјалните мрежи.
Во емотивна објава, тој го опиша својот татко како човек кој живеел искрено и без преправање, воден од длабок хуманизам, љубопитност и љубов кон уметноста и луѓето. Нагласи дека бил исклучителен уметник, но рамнодушен кон славата, посветен на идеите и креацијата.
Пенушлиски потекнува од истакнато интелектуално семејство и негов татко е Кирил Пенушлиски, а сопруга му беше Илинка Митрева, поранешна министерка за надворешни работи, која почина во 2022 година.
Роден во Скопје во 1947 година, Пенушлиски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Како Фулбрајтов стипендист, ги продолжил студиите на Pratt Institute во Њујорк. Во текот на својата кариера реализирал бројни самостојни изложби во земјата и странство.
Неговата последна изложба, „Градот“, беше одржана во 2018 година во скопската галерија Акантус, каде за првпат работеше со дигитална графика. Во неа ја изрази својата длабока, но и критичка врска со градот, истакнувајќи дека современото Скопје го изгубило својот дух.
Пенушлиски беше познат по своите остри ставови за трансформацијата на градот, особено по проектот Скопје 2014, кој го сметаше за нарушување на неговиот автентичен идентитет.
Во 2022 година, јавно реагираше и побара негово дело да биде повлечено од изложба во бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје, изразувајќи несогласување со политичкиот контекст во кој било изложено.
Погребот ќе се одржи на 21 март на градските гробишта Бутел во Скопје.


