ФУДБАЛСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА – Потрошени 5 милиони евра за еден месец

Омерагиќ откри шокантни бројки: Од 45.000 на 14.000 фудбалери по пререгистрација.

ФУДБАЛСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА – Потрошени 5 милиони евра за еден месец

Фудбалската федерација на Македонија одржа редовно годишно Собрание на кое присуствуваа 61 од вкупно 65 делегати, при што беа донесени клучни одлуки за идното функционирање и развој на македонскиот фудбал.

Меѓу најзначајните одлуки се усвојувањето на завршната сметка и буџетот за 2025 година, новиот Статут на федерацијата, како и овластувањето на Управниот одбор да изготви стратегија за развој на ФФМ за периодот 2026-2030.

Новиот Статут, изработен во координација со УЕФА и ФИФА, претставува суштинска реформа по 15 години. Тој воведува поголема транспарентност, јасна распределба на надлежности и поефикасен систем на одлучување, со цел да се стави крај на нефункционалните структури и импровизациите во системот. Дел од реформите вклучуваат и регионализација, како одговор на утврдените слабости кај општинските фудбалски сојузи, од кои многу постоеле само формално.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, посочи дека по пререгистрацијата бројот на регистрирани машки фудбалери е значително намален и од речиси 45 илјади на околу 14 илјади, што, според него, укажува на претходни системски неправилности. Тој нагласи дека со новите реформи ќе се стави крај на фиктивните клубови и нерегуларностите.

Омерагиќ исто така истакна дека во периодот пред преземањето на функцијата биле потрошени околу пет милиони евра за само еден месец, но дека новото раководство веќе презело мерки за рационализација, при што трошоците за патувања биле намалени за повеќе од еден милион евра.

Во насока на идниот развој, ФФМ веќе работи на нова четиригодишна стратегија, чија цел е создавање стабилен, конкурентен и модерен фудбалски систем, со фокус на развој на млади категории, инфраструктура и зголемување на довербата кај јавноста.

Генералниот секретар Леонид Јандреоски оцени дека изминатата година била период на конкретни чекори и јасна насока, при што активностите биле реализирани според клучните стратешки документи, со посебен акцент на младите, женскиот фудбал и општествената одговорност.

Собранието едногласно ги усвои и извештаите за работа на претседателот, Управниот и Надзорниот одбор, како и извештаите на правните органи и администрацијата, со што беше потврден напредокот во реформите и управувањето со федерацијата.

CATEGORIES
Share This