ПАТОТ ДО ЕГЕЈОТ НА МОРЕ ПРЕТВОРЕН ВО КОШМАР – Долги колони и нервози на граница

Колоните на Богородица се протегаат со километри, чекањето трае со часови

ПАТОТ ДО ЕГЕЈОТ НА МОРЕ ПРЕТВОРЕН ВО КОШМАР – Долги колони и нервози на граница
Фото: Национал

Голем број македонски граѓани заминаа на продолжен викенд кон Грција, предизвикувајќи сериозен метеж на граничните премини.

Најкритична е состојбата на граничниот премин Богородица, каде колоните возила се протегаат со километри, а чекањето трае со часови. Според информации од терен, меѓуграничниот простор е целосно исполнет, додека приливот на возила постојано се зголемува.

Слична слика има и на граничниот премин Дојран, кој често се користи како алтернатива, но денеска и таму има долги колони и значителен застој во сообраќајот.

Зголемениот притисок се должи на поволните временски услови, претстојните празници и зголемениот интерес за краток одмор на море. Социјалните мрежи се преплавени со видеа и фотографии од долгите колони, што дополнително ја отсликува реалната состојба на терен.

Надлежните апелираат до граѓаните да бидат трпеливи и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, со цел да се избегнат несакани инциденти.

За оние кои допрва планираат патување, се препорачува претходно да ја проверат состојбата преку камерите на ЈП за државни патишта. Како алтернативен премин се посочува Меџитлија, кој во вакви ситуации знае да биде помалку оптоварен.

Во меѓувреме, возачите кои веќе се на пат се советуваат да понесат доволно вода и да бидат подготвени за подолг престој во колоните.

CATEGORIES
Share This