ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА – „Прибежиште во сонот и „Дешавки“, нови книги од Ацо Ѓоргиев
Ацо Ѓоргиев е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор, кој во своето творештво често го користи струмичкиот дијалект.

„Македоника литера“ деновиве објави две нови книги од струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев, поетската книга „Прибежиште во зборот“ и „Дешавки“, со поднаслов „Кратки раскази на струмички дијалект“.
„Прибежиште во зборот“ содржи четириесетина песни поделени во три циклуси и со поговор на Даниела Пејева, која, меѓу другото пишува: „Во овие песни зборот не е украс, ниту случаен звук, туку дом на смислата, мерка на совеста и место каде човекот се соочува со својата вистина, љубов и минливост. Со јасен и дисциплиниран поетски израз, авторот создава стихови во кои се преплетуваат духовната тишина, филозофската длабочина и човечката ранливост. Неговата поезија не се стреми кон минлив ефект, туку кон трајност, кон онаа ретка чистота на зборот што утешува, предупредува и осветлува.“
„Дешавки“ претставува книга со анегдоти на струмички дијалект за лица и случки од Струмичко, забележани и прераскажани од Ѓоргиев. На крајот на книгата е објавен поговор на Ице Беличев, кој, меѓу другото, пишува: „’Дешавки‘ од Ацо Ѓоргиев, не е само книга со кратки хумористични творби, туку тоа е цело сведоштво за животот на луѓето од неговата околина во минатото, а некаде се среќава и животот во сегашноста. Во неговите раскази доминираат теми од секојдневието на луѓето, се среќаваат многу познати имиња, познати прекари и личности од неговото блиско и подалечно опкружување, личности кои оставиле белег во неговата меморија, а тој успеал да ги овековечи и зачува од заборавот, давајќи им место во својот книжевен опус.“
Оваа книга е втора на Ацо Ѓоргиев со анегдоти на од Струмичко на струмички дијалект. Во претходната книга „Прикаски у три реда и еден уврт“ и во оваа книга вкупно се објавени сто анегдоти. „Како во претходната, така и во оваа книга, мисла водилка ми беше дека треба да оставам пишана трага за битисувањето на нашиот народ во последните два века, барем овде, во локални рамки. Сѐ што имам зачувано како записи, дел запишани како мои сеќавања на случки каде што сум бил директен учесник, дел како раскажувања од други лица, сметам дека е неопходно да се зачуваат од заборав и да им се дадат на показ на следните генерации. Двете книги содржат вкупно сто анегдоти, напишани на поддијалект на струмичкиот, што го зборува населението од Муртино, Моноспитово, Бориево, Банско…, со што се става посебен печат на автентичноста на анегдотите“ пишува авторот во воведната белешка на книгата.
Ацо Ѓоргиев (1970, Муртино, Струмичко) е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор, кој во своето творештво често го користи струмичкиот дијалект. Тој е меѓу најафирмираните современи македонски афористичари. Автор е на неколку афористички книги, застапуван е во антологиски и тематски збори на афоризми во Македонија и во регионот, учесник на повеќе домашни и меѓународни афористички манифестации. Добитник е на неколку награди за афоризам. Автор е и на книги со хумористични раскази и анегдоти на струмички дијалект. На крајот на 2025 година „Македоника литера“ го објави неговиот драмски текст „Струмички шерифи“ комедија на струмички дијалект.



