ОД РОМАНИ И ДЕТСКА ЛИТЕРАТУРА ДО РАСКАЗИ – „Ништо нормално“ од Симона Јованоска

Дваесетина раскази за малиот човек и неговите (не)нормални светови

ОД РОМАНИ И ДЕТСКА ЛИТЕРАТУРА ДО РАСКАЗИ – „Ништо нормално“ од Симона Јованоска
Фото: Принтскрин

Излезе од печат збирката раскази „Ништо нормално“ од Симона Јованоска. Ова е книга бр. 244 во популарната едиција ПРОаЗА, а дизајнот на корицата е дело на Соња Станковска.

По два романа и една книга за деца, со „Ништо нормално“ Симона Јованоска повторно се враќа кон жанрот што најдобро го владее а тоа е расказот.

Во фокусот на овие дваесетина раскази е малиот човек. Книгата нè носи како на волшебен килим и од една страна, на панорамска прошетка низ безбројните лица, маски и преобразби на човекот; од друга, ни дава микроскопски увид во неговите желби, стравови и (не)сигурности, преку кои се испитува значењето на зборот „нормално“ збор кој е истовремено и безначаен, и многу значаен.

Со богатата имагинативност, внимателно изградените ликови и ситуации, овие раскази умешно допираат до местата каде што нè боли и како поединци, така и како општество, вели Наташа Атанасова, уредничка и авторка на порталот за книжевност БЛЕН.

Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. По завршувањето на средното економско училиште во родниот град, дипломира на Економскиот факултет во Скопје, отсек маркетинг.

Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ . Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.

Нејзиниот дебитантски роман „Денот на црвот“ е прогласен за „Роман на годината“ во 2021 од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на бугарски, српски и хрватски.

Во 2022 година ја објавува детската книга „Градот Вабу и потрагата на Нави“, а во 2024 година го издава вториот роман „Леска Брезоска“.

CATEGORIES
Share This