АФРИКАНСКО ФИНАЛЕ ОД 1976 – Сега и Гвинеја бара да и се додели титулата поради ист инцидент пред 50 години
Африканската фудбалска конфедерација ја одзеде титулата на Сенегал, а Гвинејците бараат истиот критериум за Мароко

Преседанот на Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ) да му ја одземе титулата на Сенегал во Африканскиот куп на нации и да ја додели на Мароко предизвика нови реакции. Гвинеја сега бара да ѝ се додели титулата од истиот турнир пред 50 години поради сличен инцидент.
Во финалната групна фаза на Купот во 1976 година во Етиопија, Гвинеја и Мароко се сретнаа во последното коло, каде што победата значеше титула за Гвинеја, додека нерешен резултат ѝ беше доволен на Мароко. Гвинеја поведе со голот на Шериф Сулејман во 33. минута, но мароканските играчи го напуштија теренот во знак на протест против судиската одлука. По подолг прекин, тие се вратија, а Ахмед Макрух израмни во 86. минута, што резултираше 1:1 и титулата за Мароко.
Сега Гвинејската фудбалска федерација бара ист критериум кој ЦАФ го применува годинава со Сенегал и ако се казнува напуштањето на теренот, тоа треба да важи подеднакво и за Мароко во 1976 година. Претседателот на ЦАФ синоќа во видеообраќање истакна дека правилата треба да важат за сите, но останува да се види дали ќе бидат применети еднакво.


