ИЗРАЕЛ ЈА БЛОКИРА ЏАМИЈАТА АЛ-АКСА ЗА ВРЕМЕ НА БАЈРАМ – Верници пред Стариот град

Стотици верници принудени да се молат пред Стариот град, додека меѓународната заедница осудува

ИЗРАЕЛ ЈА БЛОКИРА ЏАМИЈАТА АЛ-АКСА ЗА ВРЕМЕ НА БАЈРАМ – Верници пред Стариот град
Фото: Принтскрин

Утрово, стотици верници беа приморани да ги извршуваат молитвите за Бајрам пред Стариот град во Ерусалим, откако израелската полиција ги блокираше влезовите во комплексот на џамиите, објави „Гардијан“.

Израелските власти соопштија дека затворањето е безбедносна мерка поврзана со напнатоста меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.

Сепак, Палестинците тврдат дека ова е обид за зацврстување на контролата врз комплексот Ал-Акса, познат и како Ал-Харам ал-Шариф, кој вклучува и Куполата на карпата.

Во последните месеци, апсењата на палестински верници и верски персонал се зголемија, а израелските доселеници често вршеле напади на комплексот.

Обично преполн за време на Бајрам, Стариот град денеска беше речиси празен. Трговците се соочија со економски тешкотии бидејќи повеќето продавници беа затворени.

Поранешниот голем муфтија на Ерусалим, шеикот Екрима Сабри, ги повика муслиманите да се молат што е можно поблиску до џамијата, додека израелските сили беа присутни на улиците на Стариот град.

Затворањето предизвика осуда од Арапската лига, Организацијата за исламска соработка и Африканската унија. Во заедничка изјава тие наведоа дека потегот го крши меѓународното право и слободата на вероисповед.

Во соопштението се нагласува дека Израел „сноси целосна одговорност“ за последиците и дека затворањето „го загрозува регионалниот и меѓународниот мир и безбедност“.

Инаку ова е трет пат џамијата Ал-Акса да биде затворена по окупацијата од Израел на источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година. Прпат беше затворена по окупацијата во 1967 година, вторпат во 2020 година за Ковид-19 кризата и најново, денеска, за време на војната на САД и Израел со Иран. Џамијата е трето најсвето место за муслиманите. Според преданијата, на местото каде денес се наоѓа џамијата Ал Акса, некогаш стоел Ерусалимскиот храм. Тој храм бил целосно срушен во 1 век, по неуспешниот бунт на Евреите против Римската империја. По оваа катастрофа, на Евреите им било забрането да влегуваат во Ерусалим. Кога градот подоцна преминал под Византиска власт, а потоа под муслиманска, на местото на христијанското светилиште била изградена џамијата Ал Акса.

Западниот ѕид, кој е дел од сегашната структура, се смета за единствениот останаток од Соломонскиот храм и претставува најсветото место за Евреите, познато како Ѕидот на плачот.

Според Библијата, токму на местото на Ал Акса, Аврам го донел Исак за да го жртвува како доказ за својата верност кон Бог. Каменот на кој, според преданието, се случила жртвата, сè уште се наоѓа во средината на Ал Акса. Муслиманите, сепак, го негираат ова тврдење.

Од Ал Акса се гледа и Златната капија (позната и како Источна капија), низ која, според христијанската традиција, Исус Христос влегол во Ерусалим.

CATEGORIES
TAGS
Share This