УПАСЕН ПАРТИСКИ ДИРЕКТОР ЗА МИТО ОД 50.000 ЕВРА – Социјалистичката партија се лути по апсењето на нивниот потпретседател

Побарано е објаснување за тенденциозното објавување фотографии што го нарушуваат достоинството.

УПАСЕН ПАРТИСКИ ДИРЕКТОР ЗА МИТО ОД 50.000 ЕВРА – Социјалистичката партија се лути по апсењето на нивниот потпретседател
Фото: Социјални мрежи

Синоќа е спроведена координирана акција на Министерството за внатрешни работи (МВР), под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа.

Според неофицијални информации на Национал, во акцијата е уапсен актуелен директор на државна институција, кој бил фатен при барање и примање поткуп од околу 50.000 евра.

Неофицијално, станува збор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев (41), кој на функцијата стапил во јули 2024 година.

Анакиев е дипломиран инженер агроном и магистер по економски науки на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Неговата кариера започнала во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2008 година. Во периодот од 2012 до 2014 година бил претседател на Комисијата за доделување земјоделско земјиште, додека од 2017 до 2021 година ја извршувал функцијата претседател на Советот на Општина Чешиново-Облешево.

Покрај институционалниот ангажман, Анакиев е активен и на политичката сцена како потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ).

Според информации од истрагата, тој бил приведен во акција на службите за борба против организиран криминал при Бирото за јавна безбедност, при што бил фатен на дело при примање поткуп.

Истражните органи работат на утврдување на сите околности, вклучително и дали станува збор за изолиран случај или дел од поширока коруптивна мрежа.

Денеска со реакција излезе Социјалистичката партија на Македонија која ја нагласува својата заложба за чесно, транспарентно и одговорно функционирање на сите државни органи и институции по апсењето на нивниот потпретседател Васе Анакиев.

Воедно, партијата изразува лутина на, како што велат, партиското етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвинувања, како и на тенденциозното објавување фотографии што, според нив, го нарушуваат човековото достоинство. За ваквите постапки бараат соодветно и аргументирано објаснување од надлежните.

CATEGORIES
TAGS
Share This