ДРЖАВНИОТ ВРВ СО ЧЕСТИТКИ И СИЛНИ ПОРАКИ ЗА РАМАЗАН БАЈРАМ – Мир, солидарност и заедништво
Мустафапашината џамија во Скопје беше центар на утринската молитва со присуство на високи гости.

Верниците од муслиманска вероисповед во земјава денеска го одбележуваат големиот празник Рамазан бајрам, кој доаѓа по едномесечниот пост во светиот месец Рамазан. Празнувањето започна со утринска молитва во џамиите, по што верниците традиционално ги посетуваат гробиштата и ги чествуваат своите најблиски.
Рамазан бајрам се слави три дена и претставува симбол на солидарност, хуманост и заедништво. На овој ден особено се нагласува грижата за сиромашните, децата без родители и сите на кои им е потребна поддршка, што се смета за должност на секој верник.
Поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаи, во својата честитка повика на мир, благосостојба и заедништво, истакнувајќи дека моралните вредности треба да бидат водилка во општеството. Тој порача дека духот на Рамазан нè потсетува на важноста од почитување на човечките вредности и оддалечување од негативните појави што го нарушуваат општеството.
Честитки по повод празникот упатија и државниот врв и политичките лидери. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нагласи дека духот на Рамазан бајрам се чувствува во целото општество и повика на сплотеност, почитување и емпатија во време на глобални предизвици.
Собранискиот спикер Африм Гаши посака празникот да донесе мир, радост и благосостојба во домовите, потенцирајќи ја важноста од соживот и меѓусебна почит.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека празникот нè потсетува на значењето на солидарноста и поддршката меѓу луѓето, како основа за стабилно и просперитетно општество.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека Рамазан бајрам е симбол на хуманост и заедништво, повикувајќи на градење праведно и обединето општество.
По повод празникот, утринска молитва се одржа во Мустафапашината џамија во Скопје, на која присуствуваа поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаи, собранискиот спикер Африм Гаши, првиот вицепремиер Беким Сали, како и амбасадорот на Турција во земјава, Фатих Улусој.


