ПОСЛЕДНА ФОТОГРАФИЈА ПРЕД ТРАГЕДИЈАТА – Членовите на ДНК

Спомен за Ѓорѓи Џоко Ѓорѓиев и Филип Стевановски, членовите на ‘ДНК’ загинати во трагедијата.

ПОСЛЕДНА ФОТОГРАФИЈА ПРЕД ТРАГЕДИЈАТА – Членовите на ДНК
Фото: Социјални мрежи

Последната фотографија од двајца членови на „ДНК“, кои загинаа во пожарот во Кочани, се појави на социјалните мрежи. Ѓорѓи Џоко Ѓорѓиев (5.9.2000, Струмица – 16.3.2025, Кочани), тапанар на групата ‘ДНК’, и Филип Стевановски (18.10.1988, Куманово – 16.3.2025, Кочани), клавијатурист на групата ‘ДНК’. Последната заедничка снимка е направена во т.н. дискотека ‘Пулс’, неколку часа пред трагедијата, вечерта на 15.03.2025“, стои до фотографијата објавена на Фејсбук-страницата „Ретро ризница – македонски медиуми“, преземена од Виктор Маркоски.

Братот на тапанарот Ѓорѓиев, Димитар (22), шест месеци по пожарот направи тетоважа на раката со ликот на својот брат. Освен ликот на Ѓорѓи, на тетоважата е истетовирано и името на песната на „ДНК“ „Животе, брате“.

Пред неколку дена, со срцепарателна објава на Фејбук, се огласи таткото на Филип Стевановски:

„Денеска се навршува една година од трагедијата што се случи во дискотека „Пулс“ во Кочани, кога го загубивме нашиот сакан син Филип Стевановски. Кога го пишувам овој текст, си спомнувам за 15.3.2025 година во 20.15 часот се слушнавме за последен пат. Филип беше пред тргнување кон Кочани. Една година болка, тишина и празнина што ништо не може да ја надополни. Времето поминува, но тагата и љубовта кон Филип остануваат исти: длабоки и вечни. Ниту еден момент од животот не поминува без да помислиме на него. Го чуваме во мислите, во спомените, во срцата и во љубовта насочена кон него. Твојата мелодија, твоите дела ќе продолжат да одекнуваат низ вечноста. Ни недостигаш повеќе отколку што зборовите можат да искажат. Почивај во мир, наше дете, ангел наш, те сакаме и ќе те сакаме засекогаш.“

Сестрата на Владимир Блажев – Панчо, Јадранка Неделковска, исто така сподели емотивна приказна за својот брат, една година по трагичниот пожар. Таа објави видео од изјава на Панчо за естрадниот магазин „Бекстејџ“, во кое зборува како настанала песната „Ако утре ме нема“, еден од најголемите хитови на „ДНК“:

„Јас сум многу суеверен. Кога ја пишував песната, излегуваше сè малку чудно, како нешто да предвидуваш. Текстот ми беше во глава и додека зборувам се ежам. Една од најемотивно среќните песни кои некогаш сме ја направиле.“

Јадранка често споделува спомени со својот брат. На денот кога почина, 14 октомври 2025 година, таа напиша:

„Душа моја, братче мое мило. Зошто? Си замина и ми остави само чемер во душата, пресушени очи и тежина што повеќе нема да дојдеш да ме видиш.
Ми ги остави само сликите и филмот со сите спомени кои ќе ги чувам до вечни векови. Почивај во мир ангеле мој и нека ти е светол патот. Збогум. Те сака твојата Дада.“

Помина една година од трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, најмногу млади и деца, меѓу кои и повеќето членови на „ДНК“.

CATEGORIES
Share This