ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ ЗА АНЕКЕ БРАСИНГА = Признание за севкупното поетско творештво

Наградата ќе ѝ биде врачена на традицоналното поетско читање „Мостови“ од 24 до 29 јуни.

ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ ЗА АНЕКЕ БРАСИНГА = Признание за севкупното поетско творештво
Фото: Принтскрин

Холандската поетеса Анеке Брасинга е годинашната добитничка на престижниот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година, соопшти в.д. директорот Никола Кукунеш по состанокот на Управниот одбор на фестивалот.

Одлуката е донесена по предлог на Советот за доделување на наградата, составен од еминентни имиња од македонската книжевна и академска сцена. Наградата ќе ѝ биде врачена на традиционалното поетско читање „Мостови“, во рамки на фестивалот кој ќе се одржи од 24 до 29 јуни, а лауреатката ќе добие и паричен износ од околу 15.000 евра.

Во образложението, прочитано во Македонска академија на науки и уметности по повод Светскиот ден на поезијата, се истакнува дека Брасинга е наградена за своето севкупно поетско творештво и за исклучителниот придонес во современата европска и светска поезија.

Нејзината поезија се одликува со богата метафоричност, јазична инвентивност и силна имагинативна енергија. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поради нејзината способност да ги поместува границите меѓу значењето и звучноста на зборовите, создавајќи нови поетски изрази и јазични хоризонти.

Во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта и минливоста, како и длабоки егзистенцијални прашања за времето, меморијата и човековата судбина. Брасинга гради поетски свет во кој се спојуваат реалното и надреалното, интимното и универзалното, културата и природата.

Со својот оригинален поетски глас и длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски автори на денешницата. Со доделувањето на „Златниот венец“, фестивалот ѝ оддава признание за нејзиниот траен и значаен придонес во светската поезија.

CATEGORIES
Share This